Еуростандард банка беше убиена со умисла, по налог на сивата еминенција во држава, рече Трифун Костовски како мнозински акционер денеска на прес-конференција која беше најавувана целата мината недела како настан на кој ќе биде соопштена вистината за пропаста на банката, врз база на анализите направени од странски експерти предводени од Драго Кос, познат европски банкарски експерт. Како што рече Кос, во Македонија функционира синџир од банкарски криминал со незаконито финансирање на компании, а со знаење на Народната банка.

Кос нагласи дека дошол до сознанието дека во Македонија од 2004 до 2020 е поставен систем за незаконско финансирање од банките.

„На пример, во еден случај, банката А ѝ дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден оди во банката Б. Оттаму истиот кредит како заем оди во друга фирма, па во друга банка, а еден ден подоцна, кредитот се враќа во банката А. Банките определувале за заемите, a не компаниите што би било во ред, а од што заработувале банките. Во тој систем се седум банки, 45 компании и едно физичко лице активно во шемата“, рече Кос и додаде дека за 54 трансакции нема договори.

Според него, замижувале институциите, но како што предупреди, кога шемата ќе се „урне“, тоа може да предизвика катастрофални финансиски последици.

Според Костовски, во симбиоза биле Народната банка и Комерцијална банка, а нејзиниот директор Хари Костов има големо влијание па и во поглед на раководниот тим на централната банка.

Костовски рече дека лично го ангажирал Кос со цел да се дојде до факти од независна експертска комисија и дека за нивниот труд издвојува средства, со мака, како што рече, зашто имотот му е замрзнат. Потоа тој најави дека и во наредниот период ќе одржува прес-конференции со цел јавноста да ја запознава со нови моменти од вистината за банкарскиот грабеж..

„Нема да се откажам од мојата борба со сите институции во Македонија, зашто очигледно е дека тоа беше обид да се уништи сѐ што е добро во земјава. И наместо да ме брани држаата, таа ме ограби“, рече Костовски.

Извештајот на странските експерти „тежи“ над 1.100 страници и го следи патот на парите, а вториот извештај е над 100 страници. Прва независна истрага од ваков вид со странски експерти, беше речено на прес-конференцијата.

Затоа, рече Костовски, жалам што на оваа прес – конференција, односно презентација на истрагата, не дојдоа поканетите државни институции како Јавното обвинителство, Антикорупциска комисија, Финансиска полиција и други. Тоа што не се одѕваа на поканата значи и дека не ја сакаат оваа вистина, рече тој.

Костовски обвини дека парите кои биле повлекувани од банката како кредити без покритие, во најголем дел оделе во фирми од Струмица, блиски до СДСМ.

„Сатарот го направи Народна банка без да ги искористи сите механизми кои ги има на располагање за санирање на банката.Тоа беше направено во време на техничката влада на Оливер Спасовски, по завршувањето на вонредната состојба, кога практично не можевме нормално да работиме“, рече Костовски.

На прес-конференцијата беше Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“. Според неа, ова истражување е врвот на случувањата во банкарскиот сектор, и како што нагласи, би било добро ако денешниот настан предизвика реакција државните институции.