Во организација на Регионалната комора со седиште во Кавадарци при Стопанска комора на Македонија , во соработка со „Фактор Труст“, Проект на УСАИД за факторинг, вчера на 20.02.2018 година, се одржа тркалезна маса на тема: „Факторингот како алтернативен извор на финансирање“.

 

Проектот на УСАИД за факторинг има за цел да им помогне на малите и средни претпријатија преку едукација и информирање за пристап кон алтернативни финансиски продукти. Факторингот, како алтернативен извор на финансирање, го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансии, подобрување на готовинскиот тек на фирмите и поефикасно развивање на истите.

Пред присутните компании од бизнис секторот, поздравно обраќање имаше директорот на Проектот за факторинг, Ловре Ристевски, а потоа факторинг – експертот Димитар Ангелкоски ги запозна присутните со тоа што  е факторинг, како функционира факторингот и кои се придобивките од истиот. Ангелкоски истакна дека Проектот за факторинг обезбедува техничка помош и имплементира опсег на активности преку три компоненти: подигање на свеста и значењето на малите и средни претпријатија за алтернативните финансиски можности, имплеменација на правната регулатива за факторинг и финансиска едукација за малите и средни претпријатија.

За време на дискусијата, претставниците на бизнис заедницата побараа измени во законската регулатива со цел да можат и физички лица да бидат вклучени во факторингот. Интересот на компаниите за темата беше голем и се донесе взаемен заклучок за повторна средба, организирање обука за компаниите, со цел поддршка на економскиот раст, развој на деловниот еко-систем, како и инклузија и иновации во микрофинансирањето.