Тркалезна маса на тема „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“ организира денеска Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), која е дел од меѓународниот проект „Гриновет“ (Greenovet). Во овој проект се вклучени 18 европски партнери и е кофинансиран од образовната програма на ЕУ Еразмус+.

Како што соопшти ССКМ, ќе бидат презентирани достигнувањата во областа и споделени искуства од бизнис-секторот, во насока на придобивките од воведување зелени иновации и енергетски ефикасни системи.

-Компаниите мора да работат на развивање зелени иновации, да вложуваат во одржливи бизниси, кои ќе покажат грижа за животната средина, преку креирање иновативни концепти кои ќе го намалат и оптимизираат искористувањето на природните ресурси. Многу компании имаат воведено зелени иновации, во таа смисла и нивните искуства од придобивките во текот на процесите на работење. Компаниите мора да ги знаат можностите за адаптација и имплементација на зелена транзиција, за да бидат во чекор со потребите и да станат поконкурентни и одржливи, наведува организаторот на тркалезната маса на која ќе учествуваат претставници на бизнис-секторот кои се партнери во проектот.

„Гриновет“ ги обединува регионалните партнери во областа на стручното образование и обука на различни нивоа (средно стручно образование и високо образование), локалните компании ( малите, средни и големи претпријатија), секторските здруженија, претставниците на работодавачите, локалните власти, невладиниот сектор, како и регионалните агенции за поддршка на иновациите и иновативноста.

Проектот го поттикнува развојот на стручното образование и обука во областа на зелените иновации низ Европа, преку основање центри за извонредност во стручното образование и обука, со што се овозможува иновативна, инклузивна и одржлива економија.

Во проектот „Гриновет“ од нашата земја се вклучени Машинскиот факултет од Скопје, Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење, „Раде Кончар ТЕП“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“, како и уште 13 партнери од Австрија, Португалија и од Финска.