Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јуни, во однос на мај 2026 година, забележала намалување од 0,5 проценти, додека цените на мало биле пониски за 0,8 проценти. Сепак, на годишно ниво, продолжува трендот на поскапување, па во споредба со јуни минатата година, трошоците за живот биле зголемени за 3,4 проценти, а цените на мало за 3,6 проценти.

Најголемо месечно намалување на трошоците за живот било регистрирано во групата транспорт, каде што биле пониски цените за 1,6 проценти, како и кај храната и безалкохолните пијалаци, каде што бил забележан пад од 1,1 процент. Овие две категории имале најголемо влијание врз вкупното намалување на инфлацијата во текот на јуни.

Од друга страна, бил евидентиран раст на трошоците за живот во повеќе категории. Најизразено зголемување имало кај рекреацијата, спортот и културата, каде што биле повисоки цените за 1,4 проценти. Следувале личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги со раст од 0,5 проценти, како и покуќнината, опремата за домаќинствата, редовното одржување на домаќинствата и рестораните и услугите за сместување, каде што било регистрирано зголемување од 0,3 проценти.

Благ пораст бил забележан и кај здравствената заштита, информациите и комуникациите, како и кај облеката и обувките. Во меѓувреме, цените во групите алкохолни пијалаци и тутун, домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, образование, како и осигурување и финансиски услуги, останале непроменети во однос на претходниот месец.