saudi_1880139bЦените на нафтата паднаа на меѓународните пазари, бидејќи инвеститорите се разочарани од недостаток на конкретни резултати од дискусиите на Саудиска Арабија и Венецуела за производството.

На лондонскиот пазар цената падна за 68 центи, на 33,38 $. На американскиот пазар нафтата се тргува за 81 центи пониска цена, од 30.08 $.

Минатата недела цената на нафтата поддршка доби од преговорите за намалување на производството. Министерот за нафта на Венецуела Eulogio del Pino започна со лобирање кај водечките производители на нафта во рамките на ОПЕК за поддршка на цените. По состанокот со властите на Катар во неделата, исто така, се состана и со саудискиот колега Ali al-Naimi.

По средбата на двајцата министри нема конкретни индикации дека производителите во рамките на ОПЕК и оние надвор од картелот се подготвени да разговараат за намалување на производството.

“Шансите за договор во моментов се мали, но ќе се зголемат доколку цената се задржи на нивото од 30 долари за барел, што ќе се случи доколку Иран и Ирак го зголемат производството, како што имаат зацртано”, објаснува аналитичарот на PVM Oil Associates David Hufton.

Инвеститорите повторно се фокусираа на прекумерната понуда, вклучувајќи ги официјалните податоци од САД за рекордни залихи од сурова нафта и нафтени деривати минатата недела.

Од Morgan Stanley проценуваат дека вишокот на понудата, најверојатно, нема да почне да се намалува пред 2017 година.