Цената на нафтата на светските берзи се намали под притисок на јакнењето на доларот на највисоко ниво во последните седум месеци, а аналитичарите очекуваат понатамошно намалување како резултат на глобалната нерамнотежа на понудата и побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на суровата нафта падна за 90 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 43,76 $. На американскиот пазар суровата нафта се тргуваше за 1,26 $ пониска цена, од 40,64 $.
Се очекува ФЕД на следниот состанок во декември да го објави првото зголемување на клучните каматни стапки во последните десет години, а во исто време, речиси е сигурно дека ЕЦБ ќе продолжи со олабавена монетарна политика. Тоа ја зголемува вредноста на доларот, што резултира да стоката изразена во таа валута да поскапи за носителите на другите валути.
Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) на својата веб страница објави дека цената на барел од референтната кошница на нафта во петокот изнесуваше 38,37 $, што значи намалување за 15 центи во однос на претходниот трговски ден.