Во тековната економска клима, ТТК Банка АД Скопје успеа да постигне добри резултати коишто ја одразуваат одржливоста на нејзиниот деловен модел и успешното управување со сите деловни аспекти од работењето.

Економското заздравување од пандемијата на вирусот КОВИД-19 e сѐ уште кревко, а појавата на делта варијантата негативно влијаеше врз динамиката на заздравувањето на македонската економија и го забави очекуваното нормализирање на состојбите. Дополнително, проекциите на макроекономската политика до крајот и во почетокот на идната година, негативните влијанија од порастот на цените на енергенсите на светскиот пазар како и притисокот врз зголемувањето на цените и инфлацијата на домашниот пазар укажуваат на потреба од натамошно внимателно и поконзервативно приспособување на кредитната политика и обезбедување на ризиците од негативните последици.

Во овој економски амбиент во периодот од 1.1.2021 до 30.9.2021 година, ТТК Банка АД Скопје, го приспособуваше своето работење на специфичните економски и пазарни услови и ги реализира приоритетните цели и задачи во согласност со Деловната политика и со Финансискиот план на Банката за 2021 година.

Преку нејзиното редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 119,9 милиони денари, кој е за 18,6% или 18,8 милиони денари повисок во однос на истиот период минатата година, како резултат на побрзиот раст на оперативните приходи во однос на оперативните трошоци. Во истиот период, исправката на вредност на финансиски и нефинансиски средства на нето-основа изнесува 81,9 милиони денари што резултира со позитивен финансиски резултат за периодот од 1.1. – 30.9.2021 година во износ од 38 милиони денари.

Финансиски остварувања на Банката

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2021 до 30.9.2021 година изнесуваат 193,6 милиони денари и бележат намалување од 4,3% во однос на истиот период минатата година. Планираните нетоприходи од камати се остварени со 94,9% од Буџетот.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 143,3 милиони денари и се зголемени за 44,9% во однос на минатата година. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизија има зголемениот обем на трансакции во платниот промет во земјата како од секторот население така и од секторот стопанство, како и провизиите коишто потекнуваат од кредитирањето и картичното работење. Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги ги надминуваат планираните за овој период за 7,5%.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 8 милиони денари и бележат годишен раст од 18,4%. Во однос на планот се остварени со 113,4%.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 23,5 милиони денари и се остварени со 50,7% од планираните за овој период.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 253,2 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 6,3%, како резултат во најголем дел од повисоките материјални и административни трошоци. Планот е остварен со 97,0%.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 81,5 милиони денари, како резултат на ефектот од влошување на состојбата на одредени комитенти од корпоративно кредитно портфолио.

Во првите девет месеци од 2021 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 0,4 милиони денари.