ТТК Банка АД Скопје за периодот 01.01-30.09.2022 забележа позитивен финансиски резултат и оствари добивка на износ од 45,6 милиони денари, што претставува повисок резултат за 19,9 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2022 до 30.9.2022 година изнесуваат 182,4 милиони денари и во однос на планот за овој период се остварени со 101,2 %.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 147,3 милиони денари и бележат зголемување за 2,7 % во однос на претходната година, што e резултат, во најголем дел, на зголемените приходи од провизии од новопонудените услуги преку проширената мрежа банкомати и зголемениот обем на работењето со картичките, како и на поволните движења во понудата и реализацијата на услугите во областа на платниот промет од секторот стопанство и од брокерското работење. Во однос на планот за овој период, нетоприходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 103,4 %.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 10,4 милиони денари и бележат годишен раст од 29,9 % како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 120,2 %.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 35,7 милиони денари и се повисоки за 52,1 % во однос на минатата година, како резултат, во најголем дел, од поголемиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства, како и од повисока наплата на претходно отпишани побарувања. Во однос на планот се остварени со 49,1 %.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 272,5 милиони денари и се за 7,6 % повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, од зголемените материјални и административни трошоци и од повисоките трошоци за плати. Во однос на планот се остварени со 100,0 %.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 42,6 милиони денари и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

Во текот на првите девет месеци од 2022 година прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 13,9 милиони денари.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.