Како резултат на зголемените трошоци заради оштетување нефинансиски средства и во помала мерка заради зголемените резервации за кредити банката книжи загуба за првиот квартал годинава. Сепак акционерите не треба да губат надеж затоа што и лани првиот квартал беше во негатива, но на крај банката додели бруто дивиденда од 104 денари по акција.
ТТК Банка во првите три месеци книжи загуба од работењето во износ од 42,1 милиони денари и тоа е резултат на зголемените квартални трошоци за резервации на кредити и особено заради оштетување на нефинансиски средства, покажуваат официјалните податоци што ги објави оваа банка.
Имено и покрај зголемувањето на нето приходите од камати и зголемена продажба на превземениот имот банката книжи загуба заради големите трошоци за оштетување нефинансиски средства и зголемените резервации.
Банката за првите 90 дена успеа да нето приход од камата од 1,1 милиони денари и тоа е 100.000 евра повеќе од истиот период лани. Успеа да ги одржи на речиси идентично ниво нето приходите од провизии и надоместоци, а успеа да ги зголеми и останатите приходи од дејноста и тие достигнаа 22,33 милиони денари. Сите овие податоци покажуваат дека малата банка релативно успешно ја одржуа и подобрува својата пазарна позиција.
Сепак резервациите кои изнесуваат 27,85 милиони денари и загубата заради оштетување нефинансиски средства од 56,56 милиони денари причинија квартална загуба од 42,1 милиони денари.
Билансот на состојба покажува позитивен тренд кај двата најголеми и најважни показатели. Имено, малата ТТК Банка продолжува да се пробива на пазарот на кредитирање и да го зголемува своите пазарно учество. Нивото на кредити на 31 март изнесува 4,45 милијарди денари и тоа е поголемо за 103 милиони денари во однос на истиот период лани. Значајно пораснале и вложувањата на банката во државни хартии од вредност. Тие се на ниво од 1,43 милијарди денари и се поголеми за 157 милиони денари во псоредба со резултатот од првиот квартал лани.
Банката книжи и зголемена депозитна база на крајот на март годинава. Депозитите на други коминтенти се на ниво од 6,286 милијарди денари и се поголеми за 125 милиони денари во споредба со истиот период лани.
Што и донесе на ТТК Банка новиот сметководствен стандард МСФИ 9
Цитираме: „Согласно барањата на МСФИ 9, Банката на 01.01.2018 година изврши класифицирање на портфолиото на сопственички инструменти кои се мерат по објективна вредност преку останата сеопфатна добивка и сопственички инструменти кои се мерат по објективна вредност преку Билансот на успех. За вложувањата на Банката во одредени специфични институции (како КИБС, ЦДХВ и сл.) за коишто нема активен пазар и чиешто поседување е утрвдено со закон и/или е поврзано со можноста за користење на услугите коишто ги вршат овие институции, може да се смета дека нивната набавна вредност ја одразува нивната објективна вредност. Банката ги класифицира овие вложувања како финансиски средства кои се мерат по објективна вредност преку останата сеопфатна добивка. Материјалниот ефект на Банката на 01.01.2018 година, како разлика помеѓу објективната и сметководствената вредност на сопственичките инструменти изнесува 3.892 илјади мкд евидентирана акумулирана загуба.“
Извор: Фактор