Турција очекува 50,59 милијарди евра приход од туризмот оваа година, што ќе и помогне на турската економија полека да се опорави од последиците од разорниот земјотрес во февруари.

„Турција е атрактивна дестинација поради падот на вредноста на турската лира и поради инфлацијата на европските пазари, особено во Велика Британија“, смета шефот на туристичкиот одбор на Мармарис, Али Кирли.

Очекувањата се големи, бидејќи приходите од туризмот претставуваат 10 отсто од БДП на Турција, а во 2022 година околу 1,7 милиони луѓе, или 5 отсто од сите вработени во Турција, работеле во секторот за сместување и услуги за храна, пренесува Ројтерс.

Закрепнувањето на турскиот туризам засега е бавно, бидејќи податоците покажуваат дека по земјотресот, бројот на посети на Истанбул за две ноќевања е намален за 31 отсто во споредба со истиот период во 2019 година, наведува агенцијата ФорвардКис, објави Политика рс.

Покрај стравот од нов земјотрес, на туристите им попречуваат и претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат во Турција на 14 мај, па туристичките експерти дури по тој период очекуваат значително зголемување на посетите.

Туристите од Русија предничат, а потоа следат Германците и Британците. Во 2022 година Турција ја посетиле 44,56 милиони луѓе, што претставува скок од 80 отсто во споредба со претходната година, но тоа е уште помалку во споредба со 2019 година, кога земјата ја посетиле 45,06 милиони луѓе.