Туристички агенции добивале државна помош од буџетот за справување со економските последици од пандемијата без изготвени решенија од Генералниот секретаријат на Владата, утврди државниот ревизор во извештајот за негативните ефектите од Ковид-19 во туризмот како сектор.

Државниот завод за ревизија, во објавениот извештај во мај, утврдил дека во рамките на шестиот пакет мерки, туристичките агенции добивале неповратни грантови од 2.000 до 5.000 евра во зависност од лиценцата и остварените приходи.

Од 261 поднесено барање, одобрени биле 258 на крајот од минатата година. вкупниот буџет бил 86,1 милиони денари, но реализирани биле само 52,3 милиони. Исплатата се вршела без поединечни решенија од страна на Владата врз основа на што би се барале средствата назад доколку не бидат задоволени бараните услови.

„Со извршениот увид во документацијата утврдивме неправилност на начинот на евалуација на пристигнатите барања од страна на Комисијата. Имено, при пресметка на износот на средства за финансиска поддршка за правни субјекти кои освен шифра на дејност – туристичка агенција, имаат и друга шифра на дејност, податоците за приходите во структурата на приходи по завршна сметка се земени во вкупен износ, а не поединечни износи на приходи остварени по шифра на дејност – туристичка агенција, со што им е овозможено на овие правни субјекти да остварат повисок износ на поддршка“, се вели во ревизијата.

Ревизијата од проверката заклучила дека им биле исплаќани средства на туристички агенции како да поседуваат лиценца А иако го немале потребниот број на вработени. Така било и при првата државна помош од четвртиот пакет на економски мерки, кога од 116 милиони денари за грантови, биле исплатени само 80 милиони денари за туристичките агенции.

Ревизорот заклучува дека и другите мерки за помош на секторот туризам во пандемиските години се реализирале половично, а некои воопшто и не се оствариле. Така, предвидената помош од 64,6 милиони денари за хотели надвор од туристичките центри вооопшто не се реализирала и тие биле доведени во нерамноправна положба. Не се реализирала ниту мерката од најавените 50.000 бесплати ПЦР тестови за странски туристи.

На туристичките водичи првиот пат во рамки на вториот пакет им биле поделени 5 милиони денари на вкупно 78 од нив, но при шестиот пакет на економски мерки, голем дел од нив биле одбиени и не добиле финансиска помош, затоа што „остварувале други приходи“.

– Иако овие приходи не го надминуваат износот утврден во јавниот повик, ниту пак со повикот е предвиден услов за ограничување, овие лица се одбиени и немаат добиено финансиска поддршка, напишал ревизорот. Тие немале ниту право да се жалат, затоа што не добиле никакво решение.

За туристичките ваучери од кампањата „Дома си е дома“ биле исплатени 386 милиони денари, од предвидените 704 милиони за лица со ниски приходи. Од повратот на туристичката такса, од 120 милиони денари, вратени биле само 57,8 милиони.