Резервациите за Кипар, Турција, Египет и Северна Африка повторно растат по првичниот пад предизвикан од кризата на Блискиот Исток.
По првичниот пад поради кризата со Иран, интересот за Кипар, Турција, Египет и делови од Северна Африка повторно се зголемува, поттикнат од пониски цени и поголема сигурност кај патниците.
Туристичките резервации за дестинациите на источниот Медитеран повторно бележат силен раст, откако првично паднаа поради кризата на Блискиот Исток и стравувањата дека конфликтот би можел да се прошири.
Кипар, Турција, Египет и делови од Северна Африка беа меѓу пазарите што почувствуваа пад на интересот по ескалацијата во регионот. Но, според податоците што ги пренесува „Фајненшл тајмс“, побарувачката почнала стабилно да се опоравува уште пред најновите дипломатски сигнали за смирување.
Една од причините за враќањето на туристите се пониските хотелски цени. Дел од хотелите во регионот понудија значително поповолни аранжмани, со што дестинациите повторно станаа конкурентни во однос на популарните европски летувалишта.
Дополнително, патниците почнале пореално да ја согледуваат географската оддалеченост на туристичките места од зоните на конфликт.
Извршниот директор на „Изиџет“, Кентон Џарвис, изјави дека многу патници едноставно ја погледнале картата и сфатиле дека Суецкиот Канал не е исто што и Ормускиот Теснец. Според него, тоа било „добра лекција по географија“ за дел од туристите.
Џарвис додаде дека хотелите во регионот понудиле исклучително атрактивни цени, па за исти пари патниците можат да добијат повисок квалитет отколку во делови од Шпанија.
Податоците на туристичката аналитичка група „Лајтхаус“ покажуваат дека пребарувањата за хотели во Египет, Турција и Кипар растеле во повеќето недели од средината на април. Во втората недела од јуни, пребарувањата за Турција и Египет биле за една третина повисоки отколку во првата недела од месецот, додека интересот за Кипар пораснал за 29 проценти.
Хотелиерите на Кипар велат дека ситуацијата драстично се подобрила од мај. Ник Аристо, комерцијален директор на луксузната хотелска група „Мускита“, која управува со три хотели на островот, изјави дека во март летните резервации биле во минус од околу 20 проценти, но сега пазарот повторно се враќа.
Според него, падот кај семејните резервации, кои обично се прават порано, бил надоместен со зголемен интерес од помлади парови. Иако компанијата првично очекувала подобра сезона, сега смета дека може да се доближи до резултатите од 2025 година.
Опоравување бележат и авиокомпаниите и платформите за резервации. Од „Изиџет“ посочуваат дека Египет за само неколку недели преминал од негативна во многу силна позитивна позиција на годишно ниво.
Извршниот директор на „Виз ер“, Јожеф Варади, изјави дека има силно закрепнување на пазари како Турција, Египет и Кипар, кои биле погодени затоа што патниците ги перципирале како премногу блиски до кризата.
И платформата „Триваго“ бележи враќање на интересот кај британските патници кон дестинации што претходно беа погодени од последиците од кризата на Блискиот Исток. Според компанијата, Мароко и Египет имаат особено добри резултати, со пребарувања што се за 22 проценти повисоки од лани.
Дел од европските туристи, пак, се одлучуваат да останат поблиску до дома наместо да патуваат кон Персискиот Залив или преку него. Тоа дополнително ја зголемува побарувачката за одмор во Европа и во источниот Медитеран.
Шефот на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, оцени дека семејствата сепак ќе патуваат на одмор, но прашањето е дали ќе изберат далечни патувања и Блискиот Исток или ќе останат поблиску до Европа.
Последните бројки покажуваат дека источниот Медитеран, по краток период на несигурност, повторно станува една од најбараните туристички зони. За туристите, пресудни се цените, чувството на безбедност и сознанието дека многу од овие дестинации се далеку од реалните жаришта на конфликтот.