Туристичката сезона не е дојдена ниту до средина, а веќе најголемиот дел од туристичките работници сметаат дека нема да поминат ништо подобро од ланската година. Странски гости скоро и да нема, оние кои начелно биле заинтересирани откажуваат, а пак на домашните гости првичниот план им е летување во некоја од туристичките дестинации во опкружувањето, Грција, Албанија или Црна Гора. Пандемијата секако е главната причина за лошата состојба и слабата заинтересираност на луѓето да патуваат. Од државните институции задолжени за развој на туризмот во земјава велат дека ако пандемијата создаде нови целни групи на патувачи, луѓе кои патуваат во мали групи, сакаат природа и активни форми на туризам, прилагодувањето и фокусот треба да биде токму на тие целни групи.

Откажувањето на гостите од Бенелукс се главната проблематика на туристичките работници од охридско-струшкиот регион. Во време кога странските гости во земјава буквално се бројат на прсти, секое откажување од нивна страна е голем удар врз туристичкиот сектор. Ширењето на Делта сојот ги предомислува странците да ја посетат Македонија и дел од нивниот годишен одмор да го поминат тука. Од здружението на хотелиери сметаат дека едниот од двата холандски тур оператори веќе ги има откажано резервациите за сезонава, додека вториот оператор има план да носи гости во Македонија од 19 јули до 23 август. Информациите се дека во Македонија треба да дојдат околу 2500 Холанѓани. Но информациите од хотелиерите се дека има откажување и од станата на гостите од Полска со образложение дека потоа им следува задолжителен карантин од десет дена по враќањето дома. Во моментов капацитетите на сместувачките објекти се исполнтени под 30 отсто во споредба со 2019та година.

„За викендите може да се качи до 30% на поголемите хотели. Помалите хотели се исполнуваат можеби до 80%. Но, тоа е само за викенди. Веќе, понеделник, вторник, среда, гледаме и по плажите дека сѐ е празно. Не бевме подготвени на вакво нешто дека повторно ќе се откажат странските гости“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Од туристичките агенции велат дека речиси и да нема интерес за резервации за домашните туристички капацитети. Интересно е тоа што, годинава за годишен одмор на прво место за македонските граѓани не е Грција. Причината е тоа што јужниот сосед за влез бара ПЦР тест. Цените според претставникот на туристичките агенции Ана Марија Алексова се речиси идентични како пред пандемијата.

„За жал интересот на македонските граѓани за во нашата земјава е сведен на минимаун. Најголем интерес пак оваа година за летување има за во Албанија, Црна Гора каде што се патува без ПЦР тест. Но исто така голем интерес има и за Турција, Египет и тоа со чартер летови. Што се однесува до цените на аранжманите има мало покачување во однос на минатата година, и тоа за во Турција и за во Албанија. Тоа е поради тоа што лани беше многу тешко да се привлечат туристи. Ама сепак тоа поскапување не е големо“, вели за Денар Ана Марија Алексова.

Но дали е само пандемијата во прашање или државата задоцни да ја рекламира земјава како безбедна дестинација за летово кај странските гости. На ова прашање од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ни соопштија дека со кампања започнале на 01 април 2021 година, уште во времето кога за жал вестите сеуште почнуваа со бројот на заразени и бројот на починати од корона во Европа и светот. Директорот на оваа државна институција Љупчо Јаневски за Денар вели дека самата стратегија на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во 2021 година е да се отвориме во чекори, па согласно тоа велат во 2020 година беше кампањата – „Дома си е дома“, додека за 20201 година беше под мотото „Безбедно како дома“ и потоа земјава беше ставена на листата како една од 100те светски дестинации кои се безбедни од Ковид во 2021 година.

„Со самиот факт што ние ја почнавме кампањата во месец Април, овозможивме во регионот и во некои стратешки пазари поголема комуникација за лето 2021 година. Кога е во прашање промоцијата, АППТ во континуитет ја работи преку социјалните медиуми и 100% online, додека, сега за сега треба да се прилагодиме на новите тендови во туризмот, односно да создадеме производи, аранжмани и атракции коишто се потребни на пребирливиот туристички пазар. Ако пандемијата создаде нови целни групи на патувачи, луѓе кои патуваат во мали групи и летови до час, час и половина и сакаат природа и активни форми на туризам, кутура, еко-туризам, национални паркови, мали сместувачки капацитети..нашето прилагодување и фокус треба да биде токму на тие целни групи.

Според надлежните во наредните неколку години туризмот ќе претрпи големи промени. Очекувањата се дека  македонскиот туристички сектор заедно ќе созададе услови повторно во земјава да има над еден милион туристи и 5 милиони ноќевања во 2025 година. Од валадата веќе најавија дека очекуваат стабилизација на туристичкиот сектор веќе идната година. Инаку, туристичкиот сектор заедно со угостителскиот се едни од најпогодените од пандемијата.