Турската централна банка ја намали својата клучна каматна стапка по шести пат за седум месеци.

Притоа, таа ги исполни барањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган за зајакнување на економскиот раст со олеснување на монетарната политика и покрај неодамнешниот пораст на инфлацијата.

Централната банка ја намали основната стапка за 50 основни поени на 10,75 проценти, продолжувајќи го циклусот на олабавување што започна минатиот јули.

Економијата на Турција се опорави од рецесијата и валутната криза во 2018 година и порасна за 0,4 проценти во третиот квартал на 2019 година во однос на вториот квартал. Ердоган вети дека ќе ја врати економијата во високиот раст со намалувањето на каматните стапки на централната банка и наложувајќи им на банките да се вратат на кредитирање на домаќинствата и деловните субјекти.

Претседателот е уверен дека клучната каматна стапка ќе падне под 10 проценти оваа година, при што годишната инфлација ќе падне под 8,5 проценти.

– И покрај намалувањето на стапката, девизниот курс не експлодираше, инфлацијата не скокна нагло и пазарите не се нервозни, рече Ердоган во говорот минатата недела.

Сепак, годишната инфлација повторно се искачи на повеќе од 10 проценти, што се зголеми на 12 проценти во јануари.

Аналитичарите велат дека со агресивно намалување на клучните каматни стапки, се доведува во прашање независноста на централната банка и реалната каматна стапка на Турција е под нулата, пренесува Индикатор.ба.

Аналитичарите додадоа дека ваквиот развој ќе бара прекин на циклусот за да се спротивстави на притисокот врз продажбата на турската валута, што е многу чувствително на геополитичките тензии.