Бројот на странски туристи продолжува да расте, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во првите четири месеци од годинава најголем број посетители пристигнале од Турција, Германија, Србија и Франција.

Странските туристи и понатаму се главниот двигател на туристичкиот раст во Македонија, а Турците остануваат најбројни гости, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во април 2026 година во земјава биле евидентирани 97.358 туристи, кои оствариле 174.649 ноќевања. Од вкупниот број туристи, 79,5 проценти биле странски, а 20,5 проценти домашни. Кај ноќевањата, 73,2 проценти ги реализирале странските туристи, додека домашните учествувале со 26,8 проценти.

Во периодот јануари – април 2026 година, вкупниот број туристи е зголемен за 3,5 проценти во споредба со истиот период лани. Бројот на странски туристи пораснал за 4,8 проценти, додека кај домашните е забележано минимално намалување од 0,1 процент. Во истиот период, вкупниот број ноќевања е зголемен за 0,3 проценти.

Најмногу странски туристи во април пристигнале од Турција – 11.826, следуваат Германија со 11.463 посетители, Србија со 6.073 и Франција со 5.695 туристи.

Податоците покажуваат дека Македонија останува привлечна дестинација за странските посетители, при што растот на меѓународниот туризам го надоместува стагнирањето кај домашниот туристички промет.