Барањето на Сојузот на земјоделски здруженија новата откупна цена за тутунот да биде зголемена за само 20 проценти, за непосредните тутунопроизводители е неприфатлива. Ова, зашто според нивните пресметки, со тоа покачување, тутунарите би биле во загуба дури и во однос на ланските цени, затоа што процентуалната застапеност на тутунот според класи во проценката била 60 проценти втора класа, 15-тина за прва и другото отпаѓало на третата класа и на прва дополнителна.

  • „Со 20 посто заголемување ние би дошле до 277 ден., што е неприфатливо, што значи дека СЗЗ не излезе со барање за зголемување на цените, туку фактички излезе со барање за намалување на цените, затоа што никој не ни гарантира дека следната откупна сезона ќе се одвива во прва класа…Значи, цените на тутунот не смеат да бидат под 35- 40 проценти покачување за да имаме реална проценка и за да имаме колку-толку некаква заработувачка и задоволни тутунопроизводители“, кажа Васко Јосифовски, претседател на ТЗ „Тутунска надеж“.

Од новоформираните тутунски здруженија, а кои не членуваат во СЗЗ, велат дека се крајно навредени и од ингронатскиот однос на ресорниот министер кон нив. А се жалаат и дека некои од откупувачите на тутунопроизводителите им доставувале готови, потпишани договори, постапка која била незаконска.

  • „Дали тоа се должи на стравот дека некои од откупувачите ќе останат без договори, па ќе ги загубат лиценците, или се работи за свесна манипулација за непокачување на цените, тоа допрва ќе го видиме. Во секој случај, и ова што се случува е тежок криминал, тежок фалсификат“, – објаснува Јосифовски.

Инаку, уште минатата недела и од СЗЗ ги повикаа тутунарите да не ги потпишуваат новите договори додека не се постигнат повисоки откупни цени, односно тие да бидат 300, 240 и 180 денари за прва, втора и трета класа. Но, со овие предложени цени на Сојузот не се согласуваат од новоформираните тутунски здруженија кои бараат првата класа да достигне цена барем од 390 денари по килограм тутун. Истовремено, тие инсистираат и на поголема заштита од државата, како и од надлежниот Инспекторат, бидејќи сега не ја добивале.