Откупот на тутунот непречено да продолжи, реална процена на квалитетот на родот, а министерот за земјоделство секојдневно да објавува колкави количества и по која цена се откупуваат. Ова е договорот што го постигнаа и го потпишаа тутунарите, откупувачите со посредство на министерот за земјоделство Хоџа по повеќечасовната средба во Прилеп. Со ова се откажуваат блокадите на патиштата.

-Постигнавме договор: непречено да се одвива линијата на продажба на тутунот, во последниве два дена има  подобрување на откупот и сите откупувачи се согласуваат да продолжат да воспоставуваат флексибилна линија со тоа што реално ќе се проценува квалитетот на тутунот. Секој ден, се обврзувам како министер за земјоделство транспарентно да се објавуваат продадените количества и просечната цена. На 75 насто од откупениот род, ќе се состанеме сите и ќе изнајдеме решение за вишокот тутун, за кој првично има согласност од откупувачите дека ќе биде преземен, изјави Хоџа.

Потписот единствено не го стави еден од најголемите откупувачи Сокотаб од Битола кој презема околу 7 000 тони. Хоџа се надева дека и таму од понеделник ќе има флексибилност при откупот.

– Можеби имаат потреба да продискутираат и да се договорат со шефовите и сопствениците. Ние очекуваме дека ќе се постигне согласност, а другото останува на тоа што ќе решат тутунарите, рече Хоџа.

Според Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „група македонски тутунари” овој договор е максимум што може да го бараат, а прашањето со откупувачот „Сокотаб” ќе го решаваат пред нивните откупни пунктови.

-Ова е максимум што може да се постигне, зашто гарантира државата. Нема повеќе блокади. А ако „Сокотаб” не сака да почитува реална процена, ќе протестираме пред нивната фабрика и пред нивните откупни пунктови. Ќе се види од понеделник, рече Мирчески.

Во земјава треба да се откупат преку 23 000 тони тутун. Досега се откупени нешто повеќе од 3 насто од родот.