Tутунот се потврдува како македонско злато тоа е  резултат на овие податоци, засадени 14.150 хектари, откупени повеќе од 23.000 тони тутун за вредност од 60 милиони евра по цена од 217 денари за килограм.

 

 

Културата којашто во себе ги вмрежува сите аспекти на едно живеење од традиција, обичаи, култура но и социјален а најмногу егзистенцијален аспект, во Македонија е присутна уште од 1873 година и оттогаш до денес тутунот го обликува животот на Македонецот.

Низ вековите, тутунот станал центар на духовниот живот до тој степен што автентичната македонска архитектура на некогашните куќи и дворови била прилагодена на природно чување и сушење на тутунот, на чии чардаци биле изложени низи ориентален тутун чиј мирис го исполнувал воздухот.

Македонија како географска целина е најдобра за производство на ориенталните видови тутун и многу познавачи пишувале на оваа тема. Токму ваквите карактеристики ја поставуваат Македонија на врвот на листата на производители на висококвалитетен тутун, ценет и баран на светските берзи.

Во минатото се произведувало и до 35 илјади тони тутун годишно, а во последниве години осцилацијата е 22 до 23 илјади тони.

Осцилацијата во цените е една од причините а неа ја диктираат откупните претпријатија чии интерес се менува во зависност од глобалните пазарни движења. Но, податоците и последниот откуп покажуваат дека добрите услови повторно ги враќаат земјоделците кон производство на тутун. Поволностите во оценувањето, високата цена, постигната посебно оваа година, пласманот како и ветените високи субвенции, повторно го привлекуваат македонскиот земјоделец кон жолтото злато, кон продолжување на тутунската традиција и обезбедување извесна егзистенција.