Федералната комисија за трговија на САД и скоро сите сојузни држави го тужеа Фејсбук за наводни прекршувања на законите што спречуваат создавање монополи.

Федералната комисија за трговија соопшти дека ќе побара одлука со која, меѓу другото, ќе се бара од Фејсбук да се откаже од аквизициите, вклучително и Инстаграм и WhatsApp.

Коалицијата на сојузни американски држави исто така бара поседувањето на други социјални мрежи од страна на Фејсбук да се прогласи за незаконско.

„Скоро цела деценија, Фејсбук ги користи своите доминации и монопол на пазарот за да ги уништи послабите ривали и да ја задуши конкуренцијата, сето тоа на штета на редовните корисници“, изјави државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.

Таа посочи дека компанијата користи огромни суми пари за да ги преземе ривалите пред тие да ја загрозат доминацијата на Фејсбук.

Компанијата соопшти дека разгледува жалби, но дека ваквиот преседан ќе има влијание врз пошироката деловна заедница и луѓето кои секојдневно ги избираат своите производи.

Фејсбук е втора голема технолошка компанија која се соочува со ваков правен предизвик откако Министерството за правда на САД го тужеше Гугл во октомври од слични причини.

По објавувањето на оваа вест, акциите на компанијата Фејсбук веќе паднаа за три проценти.