Пред неколку денови беше соопштено дека социјалната мрежа Твитер се повлекла од доброволниот Кодекс на Европската Унија за борба против дезинформациите, кој што треба да стапи на сила на 25 август 2023 година.

Овој кодекс им наложува на интернет пребарувачите и големите социјални платформи да имплементираат мерки за ублажување на дезинформациите или изборните манипулации, сајбер насилството или штетното влијание врз малолетниците. За оние кои нема да се придржуваат до одредбите на кодексот, Европската комсија предвидува казни до 6% од вкупниот годишен приход на компаниите.

По повлекувањето на Твитер, комесарот за внатрешни пазари на ЕУ, Тјери Бретон, јавно ѝ се обрати на компанијата: „Обврските остануваат. Можете да бегате, но не можете да се скриете“, додавајќи дека тимовите на ЕУ ќе бидат подготвени за спроведување на кодексот штом тој стапи на сила во август.

Околу можната проблематична ситуација се огласи и францускиот министер за дигитална транзиција и телекомуникации, Жан-Ноел Баро, кој за FranceInfo изјави: „Дезинформациите се една од најголемите закани што тежат на нашите демократии. Се надевам дека Твитер ќе се усогласи со европските правила до 25 август. Во спротивно, повеќе нема да биде добредојден во Европа. Доколку Твитер постојано не ги следи нашите правила, ќе биде забранет од ЕУ“.

Заменик-претседателката за вредности и транспарентност на Европската комисија, Вера Јоурова, исто така ја осуди одлуката на компанијата, нарекувајќи ја „неодговорна“. Таа изрази имплицитна закана за можна забрана на Твитер, објавувајќи: „Чао, чао птичке. Твитер избра тежок начин да се усогласи со нашите дигитални закони“.

Сопственикот на Твитер, Елон Маск, сѐ уште нема дадено јавен коментар за потенцијалната забрана на платформата во Европската Унија.