На лозарите, винарниците и на откупувачите на винско грозје, Владата планира  годинава да им дава вонредна парична помош, покрај редовните земјоделски субвенции, а која заедно со субвенциите ќе може да достигне дури и до 300 илјади евра по корисник.

Ова е предвидено во Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од ковид-19 врз производството и откупот на грозје и винската индустрија, што на својата веб страница го претстави Стопанската комора на Македонија, а кој треба да се донесе по скратена постапка.

Финансиската поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 се состои од: Поддршка на произведено винско грозје до 18 проценти шеќерни единици кое во периодот од 15 август 2020 година до 31 октомври 2020 година е предадено на регистрирани производители на вино наменето за производи од грозје и вински дестилат во висина од 6 денари по килограм: Поддршка за произведено винско грозје кое во периодот од 15 август 2020 година до 31 октомври 2020 е предаденo кај регистриран откупувач на винско грозје за производство на вино или за извоз на винско грозје во висина од 2 денари по килограм: Поддршка од 30 проценти за транспортни трошоци за извезено вино во шишиња во периодот од 1 јануари 2020 година до 31 октомври 2020; Поддршка од 20 проценти за транспортни трошоци за извезено наливно вино во периодот од 1 јануари 2020 година до 31 октомври 2020. Исто така предвидена е и поддршка за извезено винско грозје во периодот од 15 август 2020 година до 31 октомври 2020 и тоа: за количини до 12 милиони килограми поддршката во висина од 2 денари по килограм; за количини од 12 до 25 милиони килограми поддршката во висина од 3 денари по килограм и за количини над 25 милиони килограми поддршката во висина од 4 денари по килограм.

Максималната поддршка што може еден корисник да ја оствари согласно овој закон изнесува 18.450.000 денари, а парите добиени над тој износ треба да се вратат, пишува во Предлог-законот.