Увидот во банкарските сметки на граѓаните ќе биде автоматизиран и многу мал број на вработени во УЈП ќе имаат пристап до ваквите податоци. Управата за јавни приходи излезе со тврдење дека со измените на Законот за банки, на кои институциите работат веќе неколку месеци, нема да се наруши приватноста на граѓаните. Податоците ќе се користат за да може УЈП да ги пополнува годишните даночни пријави. Ваков начин на работа веќе се практикувал во Данска, Естонија, Шпанија и Грција.

„Користење на подотоци добиени од банките во УЈП не е новина, затоа што и досега истите се користат редовно во даночната постапка. И во постојниот Закон за УЈП и Законот за банки кои во моментов се на сила регулираат дека овие податоци не се банкарска тајна кога се користат од страна на УЈП во даночна постапка и за даночни цели“ – рече Сања Лукаревска, директор на УЈП.

Податоците за парите што ги заработиле граѓаните УЈП ги има и од исплатувачите, односно компаниите. Управата до сега добивала податоци за сметките на граѓаните само со писмено барање до банките. Доколку законот помине, даночниците ќе ги гледаат приходите што граѓаните ги добиваат од земјава и од странство, секој месец. Ги интересира приливот за кој треба да се плати данок. Не и начинот на кој граѓаните ги трошат парите.

Но дали постои опасност од некаква злоупотреба? Директорката уверува дека не постои.

„И во моментов ние добиваме податоци од банките за физички лица за кои се водат постапки, досега не сме слушнале дека некој податок бил злоупотребен“ – вели Лукаревска.

Македонската асоцијација на банки се спротивставува на предложените измени. Сметаат дека со нив директно се навлегува во приватноста на граѓаните и се губи значењето на правниот термин – банкарска тајна. Банкарите бараат поширока јавна расправа за да се разгледаат сите опасности кои може да ги повлече новиот начин на работа.