Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на информациите дека во системот за социјална помош биле регистрирани повеќе од 4.500 лица што не ги исполнувале условите за користење на средствата. Според партијата, со отстранувањето на неправилностите, државата би можела годишно да заштеди околу 25 милиони евра.
Од ЛДП оценуваат дека контролата на социјалните трансфери треба да биде само еден дел од поширока акција за рационализација на јавните расходи. Партијата бара Владата да направи дополнителна анализа на бројот и на оправданоста на функционерските позиции, заменик-министрите, заменик-директорите, советничките места, како и управните и надзорните одбори.
Според ЛДП, потенцијалните заштеди од ваквите мерки треба да се насочат кон граѓаните и кон стопанството. Како приоритети се наведуваат мерки за намалување на трошоците за гориво, подобрување на студентскиот стандард, инвестиции во здравството и поттикнување на економскиот раст.
Од ЛДП велат дека не треба да се ограничува реформата на јавниот сектор само на откривање неправилности во социјалната заштита туку треба да опфати и системско намалување на сите непотребни буџетски трошоци. Тие очекуваат Владата да преземе конкретни мерки и заштедените средства да ги пренасочи кон политики од директен интерес за граѓаните.