Барањето на стопанството за укинување или намалување на трошоците наменети за парафискалните давачки е далеку од реализација. Бизнис секторот уште на крајот на ланската година побара од Владата преку мерка да им се скратат трошоците на фирмите за добивање лиценци, дозволи, одобренија и најразлични сертификати и документи кои според нив станаа еден од најсериозните финансиски проблеми во моментов. Иако оваа точка вчера се нашла на состанокот во владата помеѓу Стопанските комори и економскиот тим од Илинденска број два, засега носењето на оваа мерка е далеку од било каква реализација, потврдуваат од министерството за економија.

„Од страна на Европската Делегација во Скопје во постапка за одобрување е проект за реализација на намалување или целосно укинување на парафискалните трошоци“, наведуваат од Министерство за економија.

Бизнисмените кои ги контактиравме велат дека и покрај тоа што одамна се дадени нивните предлози за укинување или намалување на овие давачки, работата стои во место. Од Сојузот на стопански комори за Алсат велат дека парафискалните давачки и без кризните околности во кои се наоѓаме во последниов период претставуваат значителен трошок за претпријатијата.

„Парафискалните такси не се само оние кои директно ги наметнува државата туку и оние за кои дала јавни овластувања за друг да ги прибира. Пазарот постојат голем број оптоварувања од кои претпријатијата се жалат, како годишниот надоместок за фискални апарати. Како еден од приоритетите е промена на основот на кој се пресметува фирмарината, на начинот на кој сега се утврдува тој износ и малите и големите претпријатија плаќаат ист износ, што за малите претпријатија претставува големо оптоварување и трошок“, велат од Сојуз на стопански комори.

Институтот пак за економски анализи Фајнанс Тинк на оваа тема неодамна објави истражување кои покажува дека цената на парафискалните давачки на компаниите се движат од едно евро па се до 300 илјади евра за добивање на потребен документ. Од институтот сметаат дека непостоењето на централно тело кои што би ги контролирало овие давачки е голем проблем за стопанството.

Експертите по даночна политика пак предупредуваат дека парафискалната давачка лесно може да се трансформира во нов данок, или пак прераснува во проширување на предметот на оданочување на некој постоечки вид данок. Во земјава на товар на компаниите има 377 парафискални давачки. Проценките се на годишно ниво граѓаните и фирмите плаќаат над 250 милиони евра неданочни давачки.