Украина мора да биде подготвена да извезува жито речиси целосно преку нејзините пристаништа во Дунав, бидејќи Русија ефективно ги блокира испораките преку Црното Море, изјавија денеска властите кои управуваат со украинските поморски пристаништа, цитирани од Ројтерс.

Под покровителство на Обединетите нации (ОН) и Турција, во јули 2022 година Москва и Киев склучија договор за безбеден транспорт на жито преку Црното Море за да помогнат во решавањето на глобалната криза со храна влошена со руската инвазија на Украина и блокадата на Украински пристаништа на Црното Море. Москва се закани дека нема да го продолжи договорот по 18 јули доколку не се исполнат низа барања, вклучително и отстранување на бариерите за рускиот извоз на жито и ѓубрива. Според Кремљ, не биле испочитувани гаранциите дадени за рускиот извоз, пренесе БТА.

„Бидејќи Русија ефикасно ја блокира работата на коридорот за жито, ние мора да бидеме подготвени да го насочиме речиси целиот извоз на новиот род преку пристаништата на Дунав“, напиша на Фејсбук Дмитро Баринов, заменик-шеф на Управата за поморски пристаништа на Украина. Околу половина од извозот на украински земјоделски производи се транспортира преку пристаништата на Црното Море, една четвртина поминува низ пристаништата на Дунав и исто толку – преку западната граница на земјата.