Унгарија, членка на Европската унија со околу 10 милиони жители, го зголеми тројно износот на златни шипки.

Така, на глобалната ранг-листа е во горната третина од земјите со најголеми резерви на злато и меѓу првите три во регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ).

Централната банка на Унгарија објави дека ја зголеми количината на златни шипки во своите резерви од 31,5 тони на 94,5 тони од минатиот месец, што е највисоко ниво во последните неколку децении, пренесува Russia Today.

Ова го зголеми тројно износот на овие резерви по глава на жител од 0,1 унца на 0,31 унца, така што Унгарија може да се пофали со најголем износ на злато по глава на жител меѓу земјите од ЦИЕ, се вели во соопштението на финансискиот регулатор.

Централната банка изјави дека зголемувањето на залихите на злато е продолжение на долгорочната стратегија донесена во 2018 година, кога резервите на злато беа зголемени 10 пати, од 3,1 тон на 31,5 тони, по што тие останаа на тоа ниво повеќе од две години .

Неодамнешното зголемено купување на злато е поврзано со нови ризици што произлегуваат од пандемијата на коронавирусот, се вели во соопштението.

„Силниот глобален раст на државниот долг или загриженоста за инфлацијата дополнително ја зголемуваат важноста на златото во националната стратегија како безбедно прибежиште и како средство за заштита на вредностите“, соопшти централната банка.