Транспарентноста е прашање што треба континуирано да се надоградува и како држава имаме и обврска и одговорност спрема граѓаните да им обезбедена транспарентност на институциите и на Владата бидејќи само на тој начин можеме да изградиме институции во интерес на граѓаните. Во таа смисла проактивното објавување на информациите и поедноставувањето на административните процедури се дополнителни начини за промовирање на транспарентноста кои ги надминуваат традиционалните практики за пристап до информации од јавен карактер.

Ова го истакна вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска на презентацијата на Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор кој врз основа на претходна анализа е подготвено заедно со Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации од јавен карактер и Центарот за управување со промени. Упатството што е усвоено на седница на Владата, поделено е на 36 области, а во секоја област подетално се наведени податоците што институциите имаат обврска да ги објавуваат на своите веб-страни.

-За првпат имаме ваков систематизиран документ кој дава точни насоки на институциите со што се избегнуваат сите нејаснотии и дилеми кои за некои институции беа аргументи за непостапување. Секако со заклучок на Влада обезбеден е одреден период институциите постапно да можат да ја реализираат оваа обврска бидејќи станува збор за значајно голем број информации кои мора да бидат објавени на нивните официјални веб-страни, рече вицепремиерката Грковска.

Таа потсети дека сегашната регулатива овозможува согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер граѓаните но и сите заинтересирани страни преку посебно барање за слободен пристап на информации од јавен карактер да дојдат до информацијата која што им е неопходна, а постапката предвидува процедура што одзема најмногу 20 дена.

-Сметам дека поедноставувањето на барање за добивање информации од јавен карактер е добро и многу придонесува за зголемена транспарентност. Јас сум среќна што на сите полиња веќе имаме поставено системски алатки коишто овозможуваат на секој граѓанин полесен пристап до информации. Но, мораме да бидеме искрени до крај дека во одредени ситуации самата постапка на некој начин го усложнува начинот на добивање на информациите за барателите од една страна, а од друга страна, пак, и одговарањето на барањето може да претставува значителен ангажман на администрацијата при собирање на потребите информации и одговарања на барањата. Со оглед на тоа, проактивното објавување на информации од јавен карактер би било во корист и на барателите и на имателите на информациите, рече Грковска.

За таа цел, додаде таа, селектирани се најбараните информации во категории и задолжени се институциите да ги објавуваат редовно без притоа да има потреба да се поднесува барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и доволно ќе биде само посета на официјалната веб-страна на институцијата за да се добие информацијата, имајќи предвид, меѓу другото, дека податоците и информациите што ги поседуваат институциите се податоци и информации коишто им припаѓаат на граѓаните, а не на институциите.

-И ова е само еден чекор до она што би сакале да го постигнеме во комплетната дигитална трансформација на општеството да дојдеме до степен кога сите податоци и информации ќе бидат јавно достапни, се разбира освен оние коишто се класифицирани и оние кои што можат да ги повредат личните податоци на граѓаните. Меѓутоа, оваа меѓу мерка до она што ќе не доведе до целосна транспарентност и достапност до податоците и информациите од една страна ќе го навикнеш системот, ќе ги навикнеш институциите на проактивно објавување на податоци и информации и од друга страна, ќе ги направи подостапни до граѓаните, меѓутоа ќе овозможи и поефикасност на администрацијата, порача Грковска.

Директорката на Агенцијата за информации од јавен карактер Пламенка Бојчева истакна дека неопходноста од ажурирање на информациите кои институциите се должни да ги објавуваат произлегува од фактот дека информациите се менливи и секое нивно одложено објавување дури и за краток временски период може да ја намали нивната вредност и интересот за нив.

-Со активното и ажурно објавување на податоците и нашата држава ќе ги следи трендовите и тековите на современите демократии каде поднесување на барање за пристап до информации од јавен карактер како една релативно долга и сложена административна постапка полека замира од причина што информациите се објавуваат и се лесно достапни за сите заинтересирани страни. Тоа се тие современи трендови кон кои се стремиме сите ние во борба против корупцијата и градење на демократско општество во кое владее правото, рече Бојчева.

Таа нагласи дека во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се таксативно наброени 22 категории на информации кои институциите се должни да ги објавуваат, но во Законот не можат да се предвидат сите можни информации кои имателите ги создаваат во текот на своето работење. Токму затоа, вели, како Агенцијата за заштита на правата на слободен пристап до информации од јавен карактер на своите редовни и вонредни обуки за примена на Законот ја потенцираат важноста на проактивната транспарентност и потребата од анализа на веќе добиените барања за пристап до информации и пресретнување на истите со објавување на податоците кои редовно се бараат покрај наведените во членот 10 од Законот за слободен пристап.

Неда Малеска Сачмароска од Центар за управување со промени истакна дека упатството е навистина исчекор не само во подобрување на транспарентноста и отчетноста, туку и во создавање на култура на институциите за објавување и отворање на податоците и информациите коишто се важни од многу аспекти и во процесите на креирање на политики, и во надзорот врз работата на Владата и институциите и во намалување на административниот товар и во делот на подобрување на контролата и надзорот.

Истражувањето кое што претходело на ова упатство покажали дека во изминатите три години 2019, 2020 и 2021 година најголем дел од барањата биле упатени од страна на новинари, од страна на граѓански организации и мал дел од страна на граѓани најчесто побарувани информации од јавен карактер до имателите биле податоци околу јавните набавки, околу финансиското работење на институциите и тоа во сите области – во областа на култура, во областа на здравство, образование итн. Воедно граѓаните, медиумите и граѓанските организации ги интересирале и бројот на вработени во јавниот сектор вклучително и биографиите на лицата коишто ги предводат институциите и нивните плати, рече Малеска Сачмароска посочувајќи дел од корпусот на најпобарувани податоци и информации.

-Она што се соочуваме и ние како граѓанска организација која често ги побарува податоците по слободен пристап со цел да направиме нови истражувања е дека институциите не се сосема сигурни кои податоци се јавни и оттаму произлезе оваа „макотрпна“ работа, труд вложен во целото ова упатство, а тоа е да направиме анализа на сите закони коишто ги регулираат овие 36 области на делување, 38 области во коишто во две области податоците се заштитени од МВР, најголем дел од податоците, и во нив во овие 38 или 36 области врз основа на законите коишто ги регулираат туризам, економија, здравство, информатичко општество, јавна администрација, земјоделие, правда итн. да излистаме што е она што граѓаните побарале, но и што е она кои податоци и информации по основ на закон институциите имаат обврска да ги произведуваат и да ги стават на располагање на јавноста бидејќи, тоа се податоци кои и припаѓаат на јавноста и на граѓаните бидејќи институциите извршуваат дејности од јавен карактер, порача Малеска Сачмароска.