Уште десет дена трае рокот за поднесување барања за субвенции за Програмата за земјоделство 2020 година, поточно до 31 јули, информира Министерството за земјоделство.

Во овој период се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство, и тоа за полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади. Исто така, до крај на месецот барање за добивање финансиска поддршка може да достават и сите што се занимаваат со сточарско производство, односно одгледуваат говеда, овци, кози, пчели свињи, а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.

Барањата за добивање финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите со регистрирање во системот на веб-страница на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk.

Оние земјоделци што не знаат сами да поднесат барања или имаат потреба од помош при создавање електронски барања може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

МЗШВ отвори дополнителни канцеларии од привремен карактер во следните општини: Росоман, Босилово, Василево, Ново Село, Облешево, Богданци, Старо Нагоричане, Могила и Новаци.

Со цел да се спречат вообичаените метежи, изготвени се списоци по азбучен ред. Онаму каде што има потреба, има двосменско работење, а вработените ќе функционираат во тимови со цел да се спречи појава на Ковид-19 и да се редуцира бројот на оператори во одреден простор, како и бројот на апликанти. За работа во смени помеѓу првата и втората смена, ќе има празен период од половина час за да се избегне контакт меѓу двете смени и просториите да може да се дезинфицираат.

„Како и досега, пари за субвенции за земјоделетвото има. На сите што ги исполнуваат условите за користење на оваа поддршка согласно календарот за исплати во еден ден и без селекција им се исплаќаат парите. Така ќе продолжиме и во иднина. Агенцијата, заедно со МЗШВ и Владата, како и досега, и во иднина ќе продолжи да креира мерки со кои директно ќе влијаеме во развој и модернизирање на домашниот агросектор, а со тоа и на намалување на производните трошоци и зголемување на домашно произведени земјоделски производи“, велат од Министерството.