Турската лира утрово за само неколку минути загуби седум отсто од вредноста и падна на близу 15 лири за долар.

Причина е ризичната економска политика на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и можноста основната каматна стапка дополнително да се намали.

Лирата ослабе за 50 отсто од крајот на минатата година, поттикнувајќи ја инфлацијата на големиот турски пазар во развој, кој во голема мера се потпира на извозот.

Централната банка претходно го одржуваше курсот под 14 лири за долар и трипати интервенираше на девизниот пазар во претходните две недели со продажба на долари. Од утрово нема интервенции.

Една лира моментално вреди 14,99 долари, што значи дека изгубила 7,3 отсто од вредноста во однос на петокот кога курсот беше 13.889.

Турската централна банка се очекува да ја намали основната каматна стапка на 14 отсто оваа недела, иако инфлацијата скокна на 21,3 отсто минатиот месец.

Ердоган е за намалување на каматните стапки и промовирање на нов економски план кој има приоритет на економскиот раст, кредитите, производството и извозот, иако таквите политики беа критикувани од економисти и опозициски политичари.