Присилна наплата, извршување за стари долгови и многу високи камати – ова се главните проблеми на граѓаните кои и овој вторник излегоа на протест пред Министерството за правда да го изразат својот револт од извршителите.

Со неколку часовна блокада во центарот на Скопје, се жалат дека извршителите секојдневно им тропаат на врата за наплата на драконски суми кои не можеле да ги обезбедат.

Некои од нив своите маки ги раскажаа пред камерите – велат дека едвај сврзуваат крај со крај, а живеат во страв дека еден ден ќе останат и без тоа што им останало.

Граѓанските активисти се сомневаат и во професионалноста на извршителите, затоа бараат на ветинг да подлежат и тие.

Извршителите го тврдат спротивното – се пожалија дека нивната професија е една од најстресните и сметаат дека се неосновано клеветени од должниците. Во тек е анализа на Законот за облигациони односи, најави министерката за правда. Дескоска вели дека со измените би се направиле законски ограничувања за каматата да не го надмине главнот долг, но тие измени нема да важат ретроактивно. Единствено решение според министерката, е да се донесе нов закон за отпис на камати.