Сè поизвесно е дека годинава нема да ги имаме руските и украинските туристи и покрај директните авионски линии со Москва, Киев и со Санкт Петербург воспоставени минатата година.

Сега повеќе ќе се фокусираме на туристите од регионот и од Западна Европа, изјави за весникот Вечер Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– По короната, ова е уште еден удар за македонскиот туризам. Ситуацијата е многу загрижувачка, особено поради фактот што во туризмот имавме многу можности со повторно воспоставените авиоконекции со Украина и со Русија. Оваа година се фокусиравме на овие пазари, но поради војната во Украина, сè падна во вода. Откако се стабилизираше состојбата со короната, туризмот доживеа уште еден удар. Годинава имавме многу договорени туристички тури и очекувавме повеќе туристи токму од Украина и од Русија. Но, со конфликтот се наметнаа санкции, стопирање на летовите, што, секако, е голем удар за туризмот и за економијата воопшто, изјави Јаневски.

Тој додава дека годинава биле договорени туристички тури од овие две земји, бидејќи, по подолго време, лани беа воспоставени директните авионски линии со Украина и со Руската Федерација. Покрај тоа, имавме договорено и повеќе кружни тури Киев-Тирана-Скопје, а имавме и договорени конференции од руски туристи.