Државната ЕСМ извести дека заклучно со утре чека понуди од три компании, меѓу кои една е домашната „Макпетрол“, но имињата на другите две фирми не ги соопшти, објави Фактор.мк

„Макпетрол“, пак, претходно ја информираше јавноста дека иако уредно испратиле понуда до ЕСМ, таа до предвидениот рок, а тоа е 17 септември, не ги потврдила количините на овој енергенс, поради што компанијата не ги нарачала.

Владини извори, пак, претходно брифираа дека откако ќе стигнат трите понуди, власта ќе направи проценка која најмногу и одговара и ќе донесе најголеми заштеди за државниот буџет, а потоа јавноста ќе биде транспарентно известена за сите услови.

Фактор потсетува како по хронологија се одвиваа настаните во текот на вчерашниот ден.

„Макпетрол“ се огласи со информација дека од државната ЕСМ не ја потврдиле набавката на потребните количини. 

„Од причина што грејната сезона започна на 15-ти октомври, сè поизвесно е прашањето за производство на топлинска енергија и загревање на објектите во градот Скопје, за ноември. Макпетрол ја известува пошироката јавност дека минатата недела, на 12-ти октомври достави понуда до ЕСМ за количините потребни за топланите Исток и Запад за ноември.Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на ЕСМ измина на 17-ти овој месец, за што дотогаш компанијата Макпетрол мораше да ги најави и плати потребните количини кај својот добавувач.ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад“, се вели во соопштението од Макпетрол.

Веднаш потоа се јавија и од ЕСМ, од каде кажаа дека дури вчера испратиле допис до „Макпетрол“ и до уште две други фирми кои покажале интерес да обезбедат гас, а во него од компаниите било побарано до утре, или прецизно 20 октомври, да достават понуда за гас за периодот ноември-април.

„Понудата која треба да ја достават се однесува на количини, цена, услови на плаќање и обезбедување преку банкарски гаранции. Инаку, за периодот ноември-април АД ЕСМ има потреба од 225 милиони нм3 природен гас, со кои ќе се покрие максимално работење во наведениот период, на топланите Исток и Запад, Когел и на ТЕ ТО, доколку и оваа електрана биде интергрирана во електро-енергетскиот систем на ЕСМ, односно биде потпишан договор за деловно-техничка соработка со неа“, наведоа од ЕСМ

Но, во целиот овој случај до Владата треба да се постават неколку принципиелни прашања, иако оттаму како да се обидуваат да го релативизираат целиот проблем околу снабдувањето со топлинска енергија.