Комерцијана банка АД Скопје за периодот од 01.01 – 31.12.2022 година оствари добивка пред оданочување во износ од 2.311,0 милиони денари наспроти 2.504,6 милиони денари во 2021 година, што претставува намалување од 7,7%. Планираната добивка за анализираниот период е реализирана со 98,3%. Данокот на добивка во 2022 година изнесува 161,8 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 2.149,2 милиони денари, или 6,7% помалку во однос на минатата година.

Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во кризна година во која сe уште беа присутни ризиците поврзани со пандемијата со ковид-19, но исто така економијата беше соочена со шокови поврзани со енергетската криза и зголемена инфлација како резултат на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина. Ваквите состојби поттикнаа затегнување на монетaрната политика од страна на Народната банка со цел да се стабилизира растот на цените, да се спречи натамошно намалување на куповната моќ кај населението и да се овозможи поголема предвидливост при носењето деловни одлуки кај економските субјекти.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 3,8% помала во однос на минатата година и во најголем дел е резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помалку реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Наспроти тоа, приходите од редовно работење (нето приходи од камати, нето приходи од провизии и надомести и нето курсните разлики) се зголемени како резултат на остварениот солиден раст на деловните активности реализирани во Банката во услови на криза.

Нето-исправка на вредност на финансиските средства

Заклучно со 31.12.2022 година изнесува 994,0 милиони денари, наспроти 934,6 милиони денари во 2021 година, што претставува зголемување од 6,4%. Зголемувањето на нето-исправката на вредност на финансиските средства се должи на зголемениот обем на кредитирање, но и поради зголемена строгост во проценката на кредитниот ризик од страна на менаџментот на Банката, при што како резултат на неповолните состојби во економијата беше издвоен поголем износ на резервации за корпоративното портфолио. Притоа, во последниот квартал од 2022 година е утврден значителен износ на дополнителна исправка на вредноста на финансиските средства, пред сѐ кај комитенти кај кои веќе подолго време производниот процес е во мирување поради високите цени на енергенсите или поради времени мерки на надлежни судски органи со кои времено се блокираше располагањето со финансиските средства кај одредени комитенти.

Вкупни приходи

Приходите од работењето изнесуваат 5.518,0 милиони денари и бележат зголемување од 0,8% во однос на минатата година. Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2022 година изнесуваат 3.095,4 милиони денари и бележат зголемување од 26,1%. Порастот на нето-приходите од камата главно е резултат на зголемено кредитирање кај нефинансиските друштва и домаќинствата, како и по основ на зголемени каматни стапки на благајничките записи и на депозитите пласирани во НБРСМ, зголемени каматни стапки и зголемени пласмани во домашни и 2 странски банки и зголемено вложување во државни хартии од вредност. Планот за анализираниот период е остварен со 119,9%.

Нето приходи од провизии и надоместоци

На 31.12.2022 година приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 1.068,3 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 7,4%, во најголем дел како резултат на зголемен обем на реализирани активности.Планот за анализираниот период е остварен со 105,9%.

Нето приходи од курсни разлики

Нето приходи од курсни разлики на 31.12.2022 година изнесуваат 336,3 милиони денари и бележат зголемување од 70,4%, што во најголем дел е резултат на значително зголемениот промет на девизен пазар со правни лица. Планот за анализираниот период е остварен со 200,2%.

Останати приходи

Банката од своето работење остварула 941,4 милиони денари приходи кои бележат намалување од 45,4% главно како резултат на помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања (631,3 милиони денари во 2022 година наспроти 1.234,4 милиони денари во 2021 година) поради еднократен настан од минатата година кога беше наплатен поголем износ на претходно отпишано побарување од Топлификација АД Скопје – во стечај во износ од 579,8 милиони денари, како и помал износ на реализирани приходи од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 91,1%.

Оперативни расходи

За периодот 01.01-31.12.2022 година банката остварила расходи од 2.203,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 8,6%, како резултат на зголемените режиски трошоци (канцелариски материјали, електрична енергија, греење и ладење), зголемени трошоци за одржување на компјутерска опрема, амортизација, донации во спортот по принцип на ваучери, плати и други трошоци на вработените, како и заради зголемени премии за осигурување на депозитите. Планот е остварен со 117,6%.

Во периодот од 01.01-31.12.2022 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 9,7 милиони денари и истата е евидентирана по основ на 20% оштетување на нето-вредноста на преземениот имот согласно регулативата на НБРСМ.