Ратко Захариевски од Македонска Каменица, кој пред четири години го засадил шафранот на неговата нива, вели дека е многу задоволен со заработувачката. Почетната инвестиција за семето, кое го набавил од Холандија, го чинела од 7 до 8 илјади евра, а се враќа уште во втората година. Готовиот производ го продава претежно во странство  Италија, Швајцарија, Германија. Шафранот не бара многу агротехнички мерки и е многу лесен за одгледување, а достигнува цена од неверојатни 20 илјади евра за килограм

Пред четири години Ратко Захариевски од Македонска Каменица почнал да одгледува шафран, исклучително скап зачин кој е редок на нашите простори. Идејата ја добил од интернет, од каде што научил многу работи за оваа култура, за начинот на нејзино одгледување и здравствените придобивки. Вели дека шафранот не бара многу агротехнички мерки и е многу лесен за одгледување. Почетната инвестиција за семето кое го набавил од Холандија го чинела од 7 до 8 илјади евра, а се враќа уште во втората година. Готовиот производ го продава претежно во странство, бидејќи во Македонија голем дел од луѓето сè уште не знаат што е тоа шафран, за што се користи и кои се благодатите од неговото користење.

-Идејата за одгледување на овој зачин, за кој кај нас многу не се знае, ја добив на интернет. Оттаму научив многу работи за неговото одгледување и за неговите здравствени придобивки. Луковиците ги набавив од Холандија, некаде околу 30 илјади парчиња, и ги посадив на мојата нива од 3,5 декари. Пред да се засади потребно е нормална обработка на земјиштето како и за секоја друга земјоделска култура. Прво се ора земјиштето, а потоа се фризира. Шафранот обично се сади во август и почеток на септември. Јас го насадив на 15 август и почнав да го берам по 2,5 месеци, на 1 ноември. Бербата трае 25 дена, а за берба ви се потребни околу 8 работници. Шафранот секоја година се бере во исто време на 1 ноември, вели за ВЕЧЕР, Захариевски.

Околу производството на шафран нема многу работа, бидејќи тоа е култура која одлично се адаптира и на ниски температури и во период на високи температури и суша. Исто така не треба и ѓубрење. Шафранот не бара вода и други дополнителни агротехнички мерки како запрашување или прскање и е отпорен на мразеви до -20 во земја.

– Почетната инвестиција ме чинеше од 7 до 8 илјади евра за набавка на луковиците и за оградување на нивата. Првата година се покриваат само трошоците и нема некоја голема заработка, бидејќи има само по еден цвет. Втората година веќе се размножува и има повеќе цветови, а веќе третата година се добива околу 2,5 килограми готов производ – шафран. Четвртата година се пресадува на поголема површина или вишокот стебла се продаваат, објаснува Захариевски.

Вели дека шафранот се бере рачно за да не се оштетат прашниците и цветовите, потоа се става во плетени кошници или дрвени гајби и се носи дома каде што се става на маса и полека се истресува правот од прашниците. Секој цвет шафран се состои од толчник и три прашници. Во текот на сезоната од секоја луковица растат од два до девет цвета, кои имаат сина или виолетова боја, а секој цвет пак е составен од 3 црвени толчници кои се долги околу триесетина милиметри. За еден грам се потребни некаде околу 150 цветови, додека за еден килограм зачин шафран се потребни и до 200.000 цветови.

Шафранот го продава претежно во странство – Италија, Швајцарија, Германија. Во Македонија голем дел од населението сè уште не знаат што е шафран и за што се користи. Еден грам од зачинот чини 15 евра во Македонија и 20 евра во странство, што значи дека цената за еден килограм достигнува и до 20.000 евра, што е одлична заработка. Овој зачин го викаат уште и златен зачин, бидејќи е многу скап.

-Освен како зачин за јадење, шафранот се користи за лекување од многу болести, од него се прави чај кој се користи за лечење од алергии, подобрување на варењето, подобрување на видот… вели Захариевски.

Во Македонија сè уште не е познато ова божјо растение. кое нашите предци го имаат донесено од Персија. за времето на Александар Македонски, со тоа што во оној дел кој бил македонски во Грција, до ден-денешен се одгледува и е еден од поквалитетните шафрани во светот. Исто така и Клеопатра го ставала во водата во која се капела, бидејќи е добар за кожата.

Кај нас веќе има заинтересирани земјоделци кои сакаат да се занимаваат со одгледување на шафран. Захариевски препорачува дека ние треба да обрнеме поголемо внимание околу производството на овој скап зачин, затоа што е култура која е мошне доходовна, а не бара многу грижа. Според него треба само желба, малку труд, пласман и поддршка, бидејќи од него може солидно да се живее.