На седницата на Советот на Народната банка, одржана вчера, беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за вториот квартал од 2021 година. Банкарскиот систем продолжи да работи во услови на неизвесност, но помалку нагласена, поради подобрената епидемиолошка состојба и последователното укинување на рестриктивните мерки, што имаше поволно влијание врз домашната економска активност. Во такви услови, кредитната активност на банките забележа забрзан квартален раст, којшто во поголем дел беше резултат на зголеменото кредитирање на домаќинствата, при солиден позитивен придонес и на кредитите на претпријатијата. Исто така, забрза и растот на депозитите на домаќинствата и компаниите, соопштија од НБРМ.

Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. На крајот од јуни, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 17,3%, што е зголемување за половина процентен поен во споредба со крајот на претходниот квартал од годината.

Во вториот квартал од 2021 година, во услови на понатамошен раст на ликвидните средства на македонскиот банкарски систем, показателите за ликвидноста се задржаа на задоволително и стабилно ниво. На 30.6.2021 година, стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесуваше 184,2% (регулаторниот минимум за оваа стапка изнесува 100%).

Учеството на нефункционалните во вкупните кредити, во второто тримесечје од годината, е ниско и се задржа на истото ниво како во претходниот квартал од 3,5%, односно 5,1% во корпоративното кредитно портфолио и 2% во кредитното портфолио составено од домаќинствата.

Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем продолжува со профитабилно работење, што е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно за нивната стабилност и отпорност.

Советот го разгледа и гo усвои и Годишниот извештај за надгледувањето на работењето на платните системи во 2020 година и спроведувањето на дадените препораки. Народната банка со надгледувањето оценува дали структурата и функционалностите на платните системи според нивната значајност се во согласност со регулаторните барања за нивно непрекинато, сигурно и стабилно работење, коишто воедно се усогласени и со меѓународните стандарди за работата на платните системи.

Резултатите од надгледувањето во текот на минатата година покажуваат дека операторите на платните системи во земјата имаат воспоставено инфраструктура, политики, правила и процедури за работа што овозможуваат сигурно и непречено извршување на плаќањата преку системите со кои управуваат, а имаат и соодветни контроли за справување со внатрешните и надворешните извори на оперативен ризик. Оцените од Извештајот потврдуваат дека платните системи во земјата постојано обезбедуваат висок степен на сигурност и оперативна доверливост, што е значителен придонес кон создавање поволно економско окружување како за деловните субјекти, така и за населението. Достапноста на платните системи во текот на минатата година беше на високо ниво од над 99,9%.