Ватикан за прв пат објави информации за тоа што поседува од недвижнини и откри дека има повеќе од 5.000 од нив.

Според Ројтерс, тоа е дел од најдеталниот финансиски извештај на Светиот Престол досега.

Информациите објавени од Ватикан содржат два документи – консолидираниот финансиски извештај за 2020 година и првиот јавен буџет за администрацијата на Апостолската столица (Апса).

Апса, вид на општа канцеларија за сметководство, управува со недвижнини и инвестиции, исплаќа плати, се занимава со набавки и човечки ресурси.

Помеѓу двата документи, секој со огромен број дијаграми, графикони и мапи, и две интервјуа со објаснувања, Ватикан издаде повеќе од 50 страници финансиски материјал.

Буџетот на Апса на 30 страници покажа дека Светата Столица поседува 4051 имот во Италија и околу 1.120 во странство, не сметајќи ги своите амбасади низ целиот свет.

Само околу 14 проценти од имотите во Италија се изнајмуваат по пазарни цени, додека останатите се изнајмуваат по намалени цени, многу за црковните службеници. Околу 40 проценти беа институционални згради како што се училишта, манастири и болници.

Документацијата покажува дека Апса инвестирала во недвижнини во луксузните делови на Лондон, Женева, Лозана и Париз.

Посебен консолидиран финансиски извештај за Светата Столица објавен во саботата покажува дефицит од 64,8 милиони евра во 2020 година, во споредба со 79,2 милиони евра во 2019 година.

Ватикан, вклучувајќи музеи и банка, има посебен буџет. За да се намали дефицитот во 2020 година, од фондот Питерс Пенс беа земени околу 50 милиони евра.

Пандемијата од „Ковид-19“ имаше големо влијание врз приходите на Ватикан во 2020 година. Базиликата Свети Петар и музеите во Ватикан, кои ги посетија околу шест милиони луѓе во 2019 година, беа затворени или само делумно отворени во најголемиот дел минатата година.