Велика Британија продаде државни обврзници со негативен принос за прв пат во средата, што значи дека владата заработува вистински пари со зајмување, бидејќи инвеститорите се согласија да им биде исплатено малку помала сума отколку што и позајмиле на државата.

Канцеларијата за управување со државниот долг објави дека продала државни обврзници на аукцијата во износ од 3,75 милијарди фунти (4,6 милијарди долари) со негативна стапка на принос од -0,003 проценти, пренесува Ројтерс.

Рокот на достасување е јули 2023 година.

Иако инвеститорите ќе добијат годишна каматна стапка од 0,75 проценти, тие ги платија обврзниците повеќе од нивната номинална вредност, па нивното враќање на парите ќе биде помалку од износот што го позајмиле доколку ја задржат таа обврзница до нејзиното достасување.

Обединетото Кралство им се придружи на Јапонија, Германија и некои други европски земји во продажба на долг со принос под нула проценти, што, според Ројтерс, укажува на можна длабока рецесија како резултат на кризата со ковид-19 и натамошната активност на централните банки при купување обврзници за да го ублажат нејзиното влијание.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк