Западот со години на кршењето на човековите права во Венецуела одговараше со остри санкции, и против нафтената индустрија. Сега, поради бојкотот на руската нафта, САД размислуваат за поинаков пристап.

Американската идеја, недостигот на пазарот, настанат поради ембаргото за увоз на руска нафта, да се замени со онаа од Венецуела, во метрополата Каракас ги разбранува духовите. Неколку дена по разговорите меѓу висока американска делегација и венецуелски владини претставници, владата и опозицијата испраќаат емотивни сигнали.

„Се надевам дека разбираат оти соработката со Мадуро значи да се извалкаат рацете со крв“, порача политичарката Делса Солорзано разочарано во насока на Вашингтон. Во меѓувреме, контроверзниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро задоволно го следи развојот на ситуацијата. „Венецуела е на чело на иницијативата за стабилизација на пазарите на нафта, плин и енергија“, изјави Мадуро пред камерите на венецуелската државна телевизија оваа недела.

Венецуела излегува зајакната од судирот

Само некоку дена откако почна руската инвазија врз Украина, изгледите Венцуела да стане еден од победниците на глобалната енергетска криза се зголемија. Затоа што земјата која е најбогата со нафта во светот го има она што сега на САД и другите држави итно им треба и тоа од извори кои не се во Русија – нафта.

„Венецуела е на клучна позиција во Јужна Америка поради своите резерви од нафта. Венецуела, која САД долго ја маргинализираа, од овој судир ќе излезе зајакната и ќе ја искористи ситуацијата економски и политички. Тоа се парадоксите на одредени судири“, вели политикологот Жак д‘Адески од Федералниот универзитет Флуминенс во Рио де Жанеиро во интервју за Дојче веле.

Мадуро ветува зголемување на производството

Мадуро сега ветува зголемување на производството на нафта до два милиони барели дневно. Тоа би било речиси трикратно повеќе од сегашниот обем на производство од 700.000 барели. Анализата на консултантската компанија ИХС Маркит го процени фактичкиот обем на производство во 2020 година на само 200.000 барели. Со оглед на неодамнешната експлозија на цената на нафтата, значителното зголемување на производството на нафта би било огромно зголемување на приходите за од кризата погодената земја од која последните години, поради катастрофалната ситуација со снабдувањето и државната репресија, побегнаа преку шест милиони луѓе.

Меѓутоа, венецуелската нафтена индустрија се смета за застарена, а безброј индустриски професионалци ја напуштија земјата. Освен тоа, поради своите физички својства, венецуелската нафта може да се преработува само во релативно мал број рафинерии. Некои од нив се во САД. „Венецуела не може да ги надомести залихите од руска нафта, зашто нема соодветни производни капацитети“, вели експертот за Венецуела, Геоф Ремси од Вашингтонското биро за Латинска Америка за весникот Ел Насионал, кој е критички настроен кон влада. Освен тоа, додава тој, САД јасно ставија на знаење дека нема да ги укинат санкциите кон Венецуела без напредок на полињата демократија и човекови права.

Venezuelas Präsident Nicolas Maduro

Николас Мадуро – во сила се санкции против неговата влада поради кршење на основните човекови права во земјата

Тешки обвинувања на сметка на власта на претседателот Мадуро

Организациите за човекови права како што се Хјуман рајтс воч или Амнести интернешнл, како и ополномоштеникот на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, во повеќе наврати известуваа за тешки кршења на основните демократски права, погубувања без судски пресуди и државни репресалии од страна на безбедносните сили. Поради тоа Меѓународниот кривичен суд во Хаг покрена прелиминарни истраги против Венецуела.

Овие обвинувања исто така се темел за санкциите на САД и  ЕУ против Венецуела. Затоа сега би било многу тешко политички да се објасни зошто САД, ако од една страна се одрекоа од руската нафта поради руските кршења на човековите права во Украина, наместо тоа би ги замениле со резерви нафта од друга земја, која исто така е на лош глас. Венецуелската опозиција околу привремениот претседател Хуан Гуаидо затоа инсистира на конкретен напредок на преговорите меѓу САД и владата на Мадуро, кој би водел кон демократска транзиција.

Нафтената индустрија доживува колапс

Во 1960 година Венецуела беше една од петте членки-основачи на ОПЕК, влијателен картел на земји-производители на нафта. Резервите на нафта на Венецуела се проценуваат на преку 300 милијарди барели, што е околу една четвртина од докажаните светски резерви. Во 2007 година државната нафтена компанија ПДВСА уште беше столб на венецуелското стопанство. Годишната продажба во тоа време изнесуваше 96,2 милијарди долари, а оперативниотпрофит 25,9 милијарди долари.

Лошото раководење и зголемените санкции како резултат на кршење на човековите права ја турнаа годишната продажба на само 12 милијарди американси долари во 2015 година. Во меѓувреме, според кон владата критичките медиуми, резервите на венецуелска нафта веќе им се ветени на Кина и на Русија.  Конкретно, руската група Роснефт сѐ повеќе стана влијателен партнер. Останува отворено во која мерка државите доверители Русија и Кина би реагирале на свртувањето на Венецуела кон американскиот пазар.