Венецуелската криптовалута „петро“, поддржана од нафтените резерви на земјата, имаше успешен старт во претпродажбата кај инвеститорите. Венецуелскиот претседател Николас Мадуро порача дека на првиот ден од претпродажбата инвеститорите купиле „петро“ во вредност од 735 милиони долари. Тој не даде повеќе деталји за првите инвеститори во криптовлутата, чија цел е заобиколување на американската финансиска блокада.

Новата криптовалута ќе биде ограничена на 100 милиони единици кои ќе се викаат “mene”. Петрото ќе биде поддржано преку венецуелската нафта, природен гас како и дијаманти и златни резерви на државата. Венецуелските регулатори изјавија дека се очекуваат инвестиции во оваа валута од страна на Катар, Турција и некои други земји од Блискиот Исток.

Венецуела на овој потег се одлучи после санкциите наметнати од кабинетот на Доналд Трамп. Оваа криптовалута беше најавена од страна на претседателот Мадуро на почетокот од декември. Тој уште тогаш изјави дека ова е иновативен начин за економски развој и независност на домашната економија од репресиите наметнати од страна на САД. Според него Венецуела се соочува со финансиска војна од страна на САД, а оваа валута е само еден од серијата економски зафати кои неговата влада ги прави, со цел да се зајакне монетарниот суверенитет.