Проектот за пробни четиридневни работни недели во Исланд беше „исклучително успешен“ и многу вработени се согласија да го намалат работното време, покажа истражувањето.

Анкетите беа спроведени во четиригодишниот период од 2015 до 2019 година, а работниците примаа исти плати, иако работното време им беше скратено.

Продуктивноста на вработените остана иста или дури и зголемена на повеќето работни места, според резултатите од истражувањето.

По Исланд, слични проекти започнаа и во други земји низ светот, како што се Шпанија или Нов Зеланд.

Во Исланд, Градскиот совет на Рејкјавик и националната влада учествуваа во овој проект.

Околу 2.500 вработени беа опфатени со ова истражување, што е приближно еден процент од вкупната работна сила на Исланд.

Многу од нив одлучиле да ја скратат работната недела од 40 на 35 или 36 часа, според истражувачите од британската организација Автономи и Исландското здружение за одржлива демократија (Алда).

Пилот-проектот, исто така, ги натера синдикатите да преговараат за нови модели на работа.

Како резултат, 86 проценти од вкупната работна сила на Исланд сега се префрли на скратено работно време или наскоро ќе има право на тоа, се вели во истражувањето.

Вработените тврдат дека сега се под помал стрес, како и дека ризикот од исцрпеност поради деловни обврски е помал.

Вил Стронг, директор за истражување на британската организација Автономија, рече:

„Оваа студија покажува дека најголемото истражување на светот за скратување на работната недела во јавниот сектор е успешно во секоја смисла.

Јавниот сектор е подготвен да биде пионер на проектот за кратка работна недела.

„Владите на другите земји можат да научат многу од резултатите од ова истражување“, рече Стронг.

Гудмундур Харалдсон, истражувач во исландската организација Алда, рече:

„Овој проект во Исланд ни покажа дека, не само што е можно да работиме помалку овие денови, туку можеме да ги промениме работите на подобро.

Сличен проект започна во Шпанија, делумно заради предизвиците што ги носи пандемијата на вирусот корона.

И компанијата Унилевер во Нов Зеланд, како дел од пилот-проект, им даде можност на вработените да го намалат работното време за 20 проценти, без да влијаат на нивните плати.

Во мај, извештајот објавен како дел од кампањата 4-дневна недела сугерираше дека скратувањето на работното време може да има влијание и врз намалувањето на емисиите на јаглерод во Велика Британија.