nafteno poleЦените на нафтата во четвртокот на меѓународните пазари се намалија, откако податоците за пораст на залихите во САД повторно во прв план го наметнуваат вишокот на понудата, во услови на забавување на глобалната економија.

На лондонскиот пазар цената на суровата нафта падна за 45 центи во однос на претходниот ден, на 33,96 $. На американскиот пазар суровата нафта се тргуваше за 35 центи пониска цена, од 31,80 $.

Американските залихи на нафта минатата недела се зголемиле за 3,5 милиони барели, според официјалните податоци на владата во Вашингтон, достигнувајќи ново рекордно ниво од над 507 милиони барели. Податоците повторно го свртеа вниманието кон проблемот на прекумерна понуда.

Дополнителен ризик кој ја задржува цената на нафтата на ниско ниво е забавувањето на глобалната економија, бидејќи тоа може да ја намали побарувачката за енергија.