Најголем дел од работниците земаат плата под државниот просек. Власта за џабе се фали со просечна плата од 500 евра за да постигне политички поени – вели универзитетскиот професор Лазар Јовески. Според него, реалната просечна плата во земјава е околу 21 до 22 илјади денари. Дури 35% од вработените се пријавени на минималец, а голем е бројот на работници кои се принудени да враќаат дел од платата назад кај газдите.

„Јас би бил навистина радосен и среќен ако тоа е онаа реална состојба во општеството, меѓутоа добро спомнавте дека медијалната плата не се зема в предвид и таа се движи помеѓу 20, 21, 22 илјади денари. Таа ја одразува реалната состојба во државата. Се уште дел од вработените кои земаат над 18 илјади денари ја враќаат назад на работодавачите на ваков или онаков начин. Тоа покажува дека голем дел од нашите граѓани, нашите работници не земаат ниту минимална плата“ – вели Лазар Јовески, универзитетски професор.

Високото ниво на просечна плата го подигаат фирмите во главниот град – посочува Јовески. Вели во помалите градови од внатрешноста, состојбата е драстично различна, а примањата на работниците помали.

„Одете во Валандово, во Штип, Радовиш, во Берово, Прилеп, и видете ја просечната плата. Тоа е реалноста, тоа е квалитетот на живот во нашата земја, далеку е дека просечно се живее во Македонија со 500 евра“ – вели професорот Јовески.

Според пресметките, пак, на економскиот институт Фајненс Тинк, средната плата во земјава е 21 илјада денари. Половина од работниците земаат плата до тој износ, додека дури 80 проценти имаат примања пониски од просечните 31.080 денари во март. Со зголемувањето на минималецот на 18 илјади денари, близу 170 илјади вработени кои примале помалку од таа сума се изедначиле со групата од близу 50 илјади вработени со примања од 18 илјади до 20 илјади денари.

Според последните пресметки на синдикатите, пак, минималната синдикална кошничка надминува 38 илјади денари. Тоа значи дека ниту две минимални плати не се доволни за да се задоволат основните потреби на четиричлено семејство.

Економистите со години бараат државната статистика да ја промени методологијата и да пресметува „средна“ или т.н. „медијална“ плата која ги зема в предвид не само примањата на работниците, туку и процентот на вработени кои земаат определена сума. По бранот незадоволства на работниците, сега и Сојузот на синдикати е револтиран бидејќи со ребалансот на буџетот не се предвидува раст на примањата на административците за 50-тина евра. Министерот Бесими им порача дека прво ќе прави методологија на нивната продуктивност пред евентуално да им одобри покачување на платите.