Американските компании за кредитни картички „Виза“ и „Мастеркард“ се соочуваат со колективна тужба од трговци во Британија поради таксите за обработка на плаќањата по построга регулаторна контрола и спорови во САД.

„Виза“ и „Мастеркард“ долго време доминираа на пазарот за платежни картички, привлекувајќи го вниманието на британските пратеници и покренаа бран повици за построг регулаторен надзор, пишува Хина.

Британскиот регулатор за платежни системи (ПСР) во прелиминарниот извештај, објавен пред минатата недела, заклучи дека двете компании значително ги зголемиле надоместоците за плаќање со картички, а има малку докази дека значително го подобриле квалитетот на услугата.

Зголемените такси ги чинеа британските компании повеќе од 250 милиони фунти, според проценките во прелиминарниот извештај на ПСР од 158 страници.

„ПСР откри дека во текот на изминатите пет години, по сметките за промените во обемот, „Maстеркард“ и „Виза“ ја проширија својата мрежа и ги зголемија надоместоците за повеќе од 30 проценти во реални услови, со малку докази за соодветно подобрување во квалитетот на услугите“, се вели во соопштението на регулаторот.

Стотици трговци оттогаш поднесоа тужби до судот за конкуренција во Лондон против двете компании, тврдејќи дека се пренаплатени.

Во 2022 година, ним им се придружија Комершл енд Интеррегионал Кард Клејимс, специјализиран правен тим од адвокатската фирма Харкус Паркер, кој бараше компензација во име на група трговци. Судот првично одби да го сослуша случајот според британскиот закон што ги регулира колективните постапки, сличен на оној во САД.

Кон крајот на март, двата гиганти со картички се согласија на малку пониски такси за плаќања со американски кредитни и дебитни картички во наредните години, како дел од спогодбата што треба да им заштеди на трговците околу 30 милијарди долари.