Субвенционирањето, велат од Министерството за транспорт и врски, има цел да се развие воздушниот сообраќај во земјава, како и да има поконкурентни и подостапни цени на авиобилетите за граѓаните

„Визер“ и „Луфтханза“ се двете авиокомпании кои доставија барања до Владата за субвенции за воведување нови авиолинии од двата патнички аеродроми во земјата – Меѓународниот аеродром Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Барањата денеска беа отворени на јавен настан во Министерството за транспорт и врски.

„Комисијата составена од членови од неколку државни институции во следниот период ќе изврши евалуација на доставените понуди, согласно утврдените критериуми во јавниот повик. Финансиската поддршка има за цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија, заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните на Северна Македонија“,

велат од Министерството за транспорт и врски.

Јавниот повик за поднесување барања траеше од 1 до 31 март 2023 година, а беше распишан, како што велат од Министерството, во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европската Унија.