Доставени се три барања за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии од двата аеродрома, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид.

„Визер“, „Луфтханза“ и „Ејџијан ерлајнс“ ја доставија документацијата на повикот, што траеше од 20 декември 2022 година до вчера. Комисијата составена од членови од неколку државни институции во следниот период ќе изврши евалуација на доставените понуди.

-Јавниот повик за субвенционирање нови авиолинии беше распишан во согласност со политиките на фер и конкурентски услови во согласност со регулативата на Европска Унија, велат од Министерството за транспорт и врски.

Финансиската поддршка има цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Македонија заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање поконкурентни и подостапни цени на билетите, што директно подразбира нови дестинации за граѓаните.