Јавни инвестиции во износ од четири милијарди евра во следните пет години кои ќе мобилизираат дополнителни осум милијарди евра инвестирани од приватниот сектор, зголемување на стапката на економски раст, намалување на стапката на невработеност на едноцифрено ниво и намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП, се главниот таргет што треба да се постигне со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 што денеска Владата го усвои на својата седница.

Со Планот е предвидено зголемување на просечната стапка на економски раст од 2,5 на 5 проценти просечно на годишно ниво во следните пет години, стапката на вработување да се зголеми на 54,3 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 проценти до 2026 година. Во 2026 година, јавниот долг се очекува да биде под 60 проценти од БДП, а буџетскиот дефицит да биде на ниво од 2,2 проценти од БДП.

Планот, како што денеска посочија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, е донесен преку инклузивна постапка во комуникација со меѓународни финансиски институции, коморите и експерти.

– Планот нуди иновативен пристап до капитал за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој успешно функционира во Европската Унија. Покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за периодот 2022-2026 година, финансирани од буџетот, со ИПА фондовите и со меѓународните финансиски институции, ќе се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор. Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија, истакна Заев.

Тој посочи дека меѓународните развојни партнери, ќе помогнат со финансиска поддршка и техничка помош за успешна реализација и во таа насока Планот е комплементарен и усогласен со останатите стратешки документи на Владата, како и со Буџетот за 2022 година, кој е во завршна фаза на подготовка.

Според премиерот, од особена важност се капиталните инвестиции кои, како што посочи, не запреа и во време на пандемија. Од почетокот на годината заклучно со 22 октомври реализацијата на капиталните инвестиција изнесува 14,2 милијарди денари и е за 57,4 проценти повисока во однос на истиот период лани.