Цените треба да се намалат за 13 отсто, а одлуката ќе важи до крајот на мај. Ова е четврта последователна одлука за замрзнување на цените на производите, а до крајот на неделата се очекува и петта што ќе се однесува на овошјето и зеленчукот

Владата ја донесе одлуката за замрзнување на цените на дел од хигиенските производи, како што претходно во текот на денот најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Станува збор за цената на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни и хигиенските влошки. Нивните цени треба да паднат за 13 отсто.

„Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 20 март 2023 година во трговијата на мало, коишто цени, според одлуката, се намалуваат за 13 проценти. Највисоките цени на производите од оваа одлука ќе се применуваат до 31 мај 2023 година, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во ’Службен весник на Република Северна Македонија‘“,

соопштија од Владата.

Ваквата одлука владата ја носи согласно ставот 1 членот 29 од Законот за трговија кој овозможува Владата привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај на нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одредени производи и стоки.

Ова е четврта последователна одлука за замрзнување на цените на производите, а до крајот на неделата се очекува и петта што ќе се однесува на овошјето и зеленчукот.

 

 

Претходно, на владина седница на 28 февруари беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари.

 

 

Од 16 март, пак, Владата ги замрзна цените на тестенините и на млечните производи. Согласно оваа владина одлука, цените на макароните и шпагетите се намалија за 15 отсто, а на млечните производи (кравјо млеко, урда, сирење, кашкавал, павлака и јогурт) за 10 отсто од однос на цените кои биле на 1 март.

 

 

Минатата недела на 21 март, пак, беа замрзнати цените на оризот и јајцата од кокошка, а беше ограничен и нивниот извоз во пресрет на Велигден и Бајрам.