Владата на денешната седница ја донесе одлуката за изменување на одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Со донесената одлука, како што соопшти, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.

– Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството – наведува владината прес-служба.

По усогласување во рамките на владините процедури, одлуката ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување во согласност со законските надлежности.

– Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и на меѓународниот енергетски пазар и доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати – информира владината прес-служба.