Просечната плата во првите шест месеци годинава е за 4,75 отсто поголема од јули–декември 2025 година. Но во јуни таа беше помала за 1.163 денари во однос на мај.

Падот на просечната исплатена плата во јуни веројатно ќе ѝ донесе на Владата заштеди за парите кои ќе треба да ги обезбеди за законското усогласување на пензиите во септември, но и за месеците потоа. Колкаво ќе биде нивелирањето, засега не се знае, бидејќи се прават последните пресметки, според изјавата на премиерот Христијан Мицкоски денеска, иако повеќе портали веќе објавија дека процентуалното зголемување ќе биде 3 отсто. Ваква „математика“ даваат и алатките на вештачка интелигенција, според кои зголемувањето ќе биде 2,98 отсто.

Денеска премиерот Мицкоски, одговорајќи на прашања на новинарите при посетата на УХМР, рече дека во септември ќе има редовно нивелирање, односно усогласување на пезниите согласно законот.

„Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во позадина охрабрени од политички партии, да покренат пред Уставниот суд тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече Мицкоски.

На дополнително прашање колкав ќе биде процентот на усогласувањето, Мицкоски одговори дека во моментов не се знае и дека се пресметува.

„Ќе се знае многу скоро“, рече тој.

Владата досега неколку пати го менуваше законот за да овозможи линеарно зголемување на пезиите, прво два пати по 2.500 денари, што беше и предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и два пати по илјада денари (иако второто го „спакува“ да биде во рамки на износот од редовното усогласување, но распределен рамномерно), односно вкупниот износ на линеарните зголемувања беше 7.000 денари по пензионер.

Според редовната законска методологија утврдена во Член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. пак, (без привремените измени), се предвидува пензиите да се усогласуваат два пати годишно, на 1 март и на 1 септември. Усогласувањето се врши според т.н. комбиниран модел (швајцарска формула), каде процентот на зголемување се пресметува како збир од: 50отсто од порастот на трошоците за живот (инфлацијата) во претходното полугодие и 50 отсто од порастот на просечно исплатената плата во државата во претходното полугодие.

Инаку, според последното соопштение на Државниот завод за статистика, просечната исплатена месечна нето-плата во првото полугодие годинава изнесуваше 47.984 денари, додека пак, пресметките покажуваат дека во периодот јули–декември 2025 година, просечната месечна исплатена нето-плата во Македонија изнесуваше 45.807 денари. Односно, просечната нето-плата во првите шест месеци од 2026 година е за 4,75 отсто поголема во споредба со периодот јули–декември 2025 година.

Разликата веројатно ќе беше поголема доколку за јуни не стигнеа, за многумина, изненадувачки податоци, кога просечната исплатена нето- плата беше 48.381 денари, што е над полугодишниот просек, но помалку од онаа исплатена во мај кога изнесуваше 49.544 денари, според податоците на ДЗС. Или, намалување од 1.163 денари.

Според ДЗС во јануари годинава просечната месечна исплатена нето-плата изнесуваше 46.617 денари, во февруари беше 46.159 денари, во март 48.433 денари, а во април 48.779 денари.

Имајќи предвид дека редовната исплата на пензиите е можна поради трансферите кои што се правата од државниот Буџет кон Фондот за ПИОМ, излегува дека намалувањето на платата во јуни ќе ѝ овозможи на владата и одредени заштеди во поглед на средствата кои инаку треба да ги префрли кон пензискиот фонд.

Државните дотации покриваат околу 36,7 отсто од вкупните приходи на ПИОМ. Тоа значи дека пензискиот систем не може самостојно да ги исплаќа пензиите само од наплатените придонеси од плати, туку државата мора да покрива повеќе од една третина од неговиот буџет.

Вкупниот буџет на Фондот за ПИОМ за 2026 година изнесува околу 2,4 милијарди евра (приближно 148 милијарди денари). Ова претставува историски највисок буџет на Фондот, кој е зголемен за околу 13 милијарди денари (над 211 милиони евра) во споредба со претходната година.

Доколку се покажат како точни претпоставките за усогласување на пензиите од три отсто, тогаш оние кои сега имаат пензија во износ од 20.000 денари, ќе добијат зголемување од околу 600 денари, оние кои се со износ колку просечната пензија (околу 28.100 денари), усогласувањето би било околу 843 денари, за пензија од 30.000 денари усогласувањето ќе биде околу 900 денари, за пензија од 40.000 денари околу 1.200 денари, за пензија од 50.000 денари околу 1.480 денари и тн.