Донесени се одлуки за реализација на мерките за справување со енергетската криза, а за кои се соопштува дека имаат за цел да го помогнат снабдувањето со електрична енергија кое се остварува преку комерцијалните добавувачи.

Владата ги задолжи сите институции, во надлежност на извршната власт, од сопствените буџетски сметки и програми предвидени за набавка на електрична енергија, веднаш да ги исплатат долговите кон добавувачите на струја. Исто така, одобрено е да се изврши пренамена на средства од други буџетски ставки, каде што има неискористени средства за исплата на долговите кон добавувачите на електрична енергија.

Ова е предвидено со одлуките, за кои Владата информира преку фејсбук, за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со буџетот и за одобрување на тие средства од државниот буџет за 2021 година за реализација на мерките за справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

„Одлуките се донесени за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Овие одлуки, како и препораките до институциите на локалната самоуправа, до Собранието и до Канцеларијата на претседателот на државата, имаат за цел да го помогнат снабдувањето со електрична енергија кое се остварува преку комерцијалните добавувачи“, наведуваат од Владата.